четврток, 22. октомври 2020. Вести денес: 86
home Вести

Агенцијата за вработување од мај не ги објавува официјалните податоци за вкупниот број на невработени лица

Агенцијата за вработување од мај не ги објавува официјалните податоци за вкупниот број на невработени лица

Додека светот секојдневно брои колку работници добиле отказ за време на корона кризата, македонските бројки застанаа во мај. Агенцијата за вработување не ги објавува официјални податоци колку нови лица се пријавиле како невработени во јуни и јули поради отказ од работа. Последните лиферувани информации ги имаат заклучно со мај иако на почетокот на август веќе требаше да бидат објавени и бројките за јули. Директорката Билјана Јовановска е на одмор, и никој не знае кога податоците ќе бидат достапни за јавноста. Според она што е официјално на сајтот од март до мај, бројот на невработени во земјава се зголемил за нови 15.371 лица. Ако ги додадеме и неформалните бројки кои минатата недела за Телма ги даде Јовановска дека во јули имало прилив на нови 2.503 лица, а за јуни бројката била 3.656 излегува дека над 21.500 лица добиле отказ од работа од март до јули за време на корона – кризата. Но нема официјален податок колку лица во моментов се невработени.

Бизнисот веќе алармираше дека се спремаат нови откази, доколку итно не се формира Влада и не се донесе нов сет мерки за помош на компаниите. Стравуваат дека економските последици од Ковид 19 допрва следат, пишува телевизија Телма.

-Се надевам дека новата влада кога ќе се формира најпрво што ќе почне да работи е да работи на евентуалната нова помош на компаниите со цел да се задржат компаниите да не се затворат бидејќи без таква помош бројот на компаниите во септември, октомври, па и ноември што ќе се затворат може да биде многу голем, вели Димитров.

И додека земјава нема податок ниту анализа колку лица добиле отказ од работа поради корона-кризата, дури и некои од земјите од регионот, бројките за изгубени работни места ги објавуваа заедно со бројот на новозаболени со вирусот. Босна денеска објави дека најмалку 32.000 лица изгубиле работа од почетокот на корона-кризата. А Британија пак брои 220.000 помалку вработени во вториот квартал, или регистрираше најголема загуба на работни места од 2009 година.

Коронавирус