среда, 25. април 2018. Вести денес: 36
home Вести

Административците реагираат по изјавите на Заев за нивна непродуктивност: Зошто вработени со 25 години искуство се помлади референти, а новопримени стануваат директори и министри?

Административците реагираат по изјавите на Заев за нивна непродуктивност: Зошто вработени со 25 години искуство се помлади референти, а новопримени стануваат директори и министри?

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) реагира на изјавите на премиерот Зоран Заев за непродуктивност на администрацијата и за тоа дека вработените не заслужуваат зголемување на платите.

За УПОЗ, ваквите изјави се неприфатливи и со нив премиерот генерализира состојба и создава впечаток дека сите вработени во администрацијата се неработници.

– Неговиот став дека администрацијата не работи и дека работи на принципот „клати врата земи плата“, всушност покажува дека владата, министрите, директорите, раководителите на сектори и одделенија кои ги назначува Владата, се оние кои треба да бидат одговорни за лошото менаџирање и вината треба да ја побара кај нив, а не кај административните службеници, велат од УПОЗ.

Од Синдикатот бараат од премиерот да ги преиспита ваквите ставови и, како што велат, наесен очекуваат зголемување на платите на вработените во администрацијата и јавниот сектор.

– Синдикатот на УПОЗ сака да го праша премиерот дали знае колкави се примањата на вработените во администрацијата, зошто овие вработени немаат регрес за годишен одмор, кога било последното зголемување на нивните плати, дали имаат основни услови за работа и дали се жртви на мобинг токму од политички поставените директори или раководители? Дали премиерот може да објасни зошто вработени со работно искуство повеќе од 25 години се уште имаат статус на помлад референт, а новопримени вработени без ден работно искуство стануваат раководители, директори па дури и министри? Зошто за да се применат некои законски одредби кои се во корист на работникот мора да интервенираат инспекциските служби и да се бара судска заштита и зошто се уште се исплаќаат плати со правилници и одлуки наместо со колективни договори и закони, прашуваат од УПОЗ.

Премиерот Заев на брифингот со новинарите одржан минатата недела истакна дека ако јавната администрација не работи ќе ги замрзне платите.

-Ми треба јавната администрација да работи. Ако работи ќе им плус пари и за покачување на нивните плати, но ако не работи нема да има и покачување на БДП, нема нови работни места. Ако администрацијата работи тоа што и е работа, не повеќе, ќе најдеме пари за поголема плата. Но, ако не работи ќе ги замрзнам платите. Тоа е мој личен став, но сепак на крајот одлучува Владата, рече Заев.

Тој кажа дека гледајќи ги состојбите во образованието и во здравството прифатил дека таму треба да има покачување на платите, како и во одбраната, но не и во другите сектори.

-Таму можевме 5 отсто и одлучивме за толку да ги покачиме. Со ребаланост ако може повеќе и повеќе ќе ги покачиме. Во одбраната веќе се покачени за 10 отсто. Но, во транспортот, локалната самоуправа не гледам дека некој нешто многу се измачува пред странката и таму нема зголемување на платите, рече Заев.

Ваквите изјави на Заев претставуват ретерирање од програмата план за живот каде ветуваа повисоки плати за целата администрација.