среда, 21. октомври 2020. Вести денес: 106
home Вести

A Заев тврдеше дека негови фирми не аплицираат за грант од Фонд за иновации

A Заев тврдеше дека негови фирми не аплицираат за грант од Фонд за иновации

Аферата со Фондот за иновации доби нови димензии. Истражувачката сторија на порталот Инбокс 7 отвори сериозни индиции дека една од фирмите кои што добиле средства од Фондот била струмичката фирма Пауерад во која според анализата сопственост имала семејата фирма на Заеви, Еленица. Зоран Заев во јули 2018 година на собраниска говорница тврдеше дека фирмите на неговото семејство не земале средства од Фондот.

Фирмата „Пауерад“ е основана на 13 февруари 2018 година, на само неколку месеци од објавувањето на повикот за доделување на спорните грантови од ФИТР. Првични сопственици на компанијата се Митко Христов од Струмица и Акционерско друштво за индустрија за градежни материјали „ЕЛЕНИЦА Струмица“. Подносител на барањето за упис е Горан Заев. Управител на „Пауерад“ првично е поставен Митко Димитровски, член и на управниот одбор на „Еленица“. Но на 7 август 2018 година, две недели по одкривањето на скандалот за добитниците на помош од ФИТР, фирмата на Заеви „Еленица“ се повлекува од сопственоста над „Пауерад“, при што единствен сопственик останува само Митко Христов, пишуваат од Инбокс 7.

Скандалот со парите од Фондот за иновации беа објавени во јули 2018 година. Во него медиумите објавија дека фирми поврзани со Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања, Хари Локвенец, член на СДСМ и снаата на Цветанка Ласкова, поранешна координаторка на Форумот на жени на СДСМ добиле државна помош за иновации.

Премиерот Заев од друга страна тврдеше во Собранието на 26 јули 2018 година дека неговите семејни фирми можеле, ама не учествувале на конкурсот на Фондот за иновации, наводно поради етички причини. Патем тој случајно или не ја споменува токму фирмата Еленица која е посочувана како косопственик на фирмата Пауерад од Струмица.

– Судир на интереси има. Нема прекршување на законот, но има неетички однос во тоа компании да добијат државни пари, а во нивна сопственост да има функционери. Сите 12 компании за производство на ајвар во Македонија ќе аплицираат и најверојатно ќе добијат, бидејжи се работи за фонд кој може да достигне 70 милиони евра, но „Мамас“ нема да се бори и со тоа конкурентите ќе имаат предност, но јас сум свесен за тоа. Етичкиот дел е поважен од законскиот, иако комерцијалистите кога ја разгледуваат структурата на една фирма која се пријавила за грантови од Фондот немаат обврска и не треба да ја проверуваат сопственичката структура – рече Заев.

Во одбрана на фирмите на Заеви се јави и Фондот за иновации и технолошки развој кој вчера испрати демант на веста на Инбокс7.

„Во рамки на споменатиот јавен повик од 2018 година, токму по реакција на јавноста, Фондот воведе обврска за доставување изјава за сопственичка структура. Изјавата беше побарана и доставена од страна на сите компании опфатени со Одлука на Комитетот за одобрување на инвестиции од 09.07.2018г., меѓу кои воопшто не е споменатата компанија. Компаниите беа презентирани и на јавен настан, отворен за целата јавност. Правниот субјект „Пауерад“ ДООЕЛ користи средства согласно Одлука за доделување на ко-финансирање донесена од Комитетот за одобрување на инвестиции на 03.12.2018 година. Пред воопшто да се донесе оваа Одлука, како и за сите останати правни субјекти, и од оваа компанија е побарано и е доставена Изјава за сопственичка структура. Во истата, воопшто не фигурира споменатиот правен субјект „Еленица Струмица“- се вели во соопштението на ФИТР.

Сепак симптоматично е што после избувнувањето на аферата Фондот дури на 24 јули 2018 година најави дека во рок од 15 дена побара да се достават изјави со која што ќе потврдат односно негираат дали во својата сопственичка структура имаат лице кое е носител на јавна функција или член на неговото потесно семејство. Патем токму во тој рок од 15 дена фирмата Пауерад од Струмица ја сменила сопственичката структура и 7 август 2018 година фирмата Еленица се повлекла од фирмата, која потоа добила грант од Фондот за иновации. Дали оваа промена на сопственоста не е доволна индиција Фондот да ја истражи процедурата во која Пауерад добила грант и евентуално да ја преиспита одлуката да и додели милиони поради блискот со премиерот и неговото семејство, останува дополнително да појаснат од ФИТР.

Коронавирус