четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 103
home Вести

130 македонски граѓани вратени од Лондон, а 64 од Босна и Црна Гора

130 македонски граѓани вратени од Лондон, а 64 од Босна и Црна Гора

Сто и триесет македонски граѓани со лет на Визер се вратени од Лондон. Министерството за надворешни работи соопшти дека авионот полетал од аеродромот Лутон, во близина на Лондон, а во соработка со Британската амбасада во земјава, на летот кон Скопје биле преземени 60 странски државјани од Обединетото Кралство, САД и Австралија.

-По деветте чартер-летови за репатрирање македонски државјани од Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија и Швајцарија, денеска во соработка со амбасадата на Република Македонија во Лондон, генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство, МНР организираше чартер лет за враќање на затекнатите граѓани во Обединетото Кралство, информираше МНР. 

Министерството информира и дека денеска се организира четврти по ред хуманитарен конвој, овојпат од Босна и Херцеговина и Црна Гора, со што во земјава ќе се вратат вкупно 64 македонски граѓани со 19 возила.

Во изминатите неколку дена, во соработка со министерствата за надворешни работи на повеќе држави и во координација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва, на 30 наши граѓани од САД и Австралија им беше обезбедено непречено  да транзитираат низ неколку држави со цел да дојдат до финалната дестинација, аеродромите во Софија и Солун. 

-Со ова, вкупниот број на репатрирани граѓани во нашата земја, заклучно со денес е 2431. Министерството за надворешни работи упатува благодарност кон надлежните власти во Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Швајцарија, САД, Австралија, Холандија и Велика Британија за соработката и обезбедување непречен транзит, како и за целокупната поддршка во овие отежнати околности. МНР продолжува со напорите за враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани во странство; во следните денови предвиден е и чартер лет за репатријација од Белгија и Франција, соопшти попладнево МНР. (МИА)

Коронавирус