сабота, 23. јануари 2021. Вести денес: 79
home Македонија

Реџеп Тајип Ердоган пристигна во посета на Германија

Реџеп Тајип Ердоган пристигна во посета на Германија

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска пристигна во Берлин, со што почна неговата тридневна посета на Германија.

Ердоган пред поаѓањето за Германија изјави дека по неколкугодишните тензии сака „да сврти нова страница“ во билатералните односи.

Тој и изминатите денови истакнуваше дека посетата на Германија е со цел да ги интензивира економските и политичките врски со Берлин.

Турскиот претседател денеска ќе се сретне со претставниците на турската дијаспора во Германија, а потоа ќе присуствува на вечера организирана од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер.

Изминатите денови поголем број германски политичари, меѓу кои и канцеларката Ангела Меркел ја одбија поканата за вечера во чест на турскиот претседател.

На свечената вечера во дворецот Белви нема да присуствуваат и голем број опозициски политичари, меѓу кои претседателот на Слободната демократска партија (ФДП) Кристијан Линднер, кој посочи оти не сака да биде дел од „пропагандата на Ердоган“.

Додека поранешниот претседател на Зелените, Џем Ездемир, кој по потекло е од Турција и е еден од најжестоките критичари на Ердоган, сепак ќе присуствува на банкетот.

– Сакам турскиот претседател да ме трпи мене и мојата критика за неговата политика, истакна Ездемир.

Поради посетата на Ердоган на Германија уште од минатата недела имаше протести во повеќе градови. Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишувашем „Ердоган не е добредојден“. Митинзите беа организирани од коалиција организации против турскиот претседател, вклучувајќи го и курдското здружение.

За утре и за сабота се планирани неколку големи протести во Берлин и во Келн поради посетата на Ердоган. Се очекува дека ќе бидат присутни околу 10.000 луѓе.

Односите помеѓу Берлин и Анкара се влошени по обидот за државен удар во Турција во 2016 година, по што се притворени десетици илјади луѓе, вклучително и германски државјани. Тензиите се намалија откако минатите месеци беше ослободен од притвор германски новинар со турско потекло, а исто така му беше дозволено на друг германски државјанин да замине од Турција.

Во Германија живеат околу три милиони Турци, што е најголема дијаспора во светот.

Германските власти оценуваат дека немаат друг избор освен зајакнување на врските со Анкара и покрај загриженоста за кршење на човековите права во Турција.

Најнови вести

Коронавирус