вторник, 18. февруари 2020. Вести денес: 70
home Македонија

Протест на жителите на гостиварско Чајле

Протест на жителите на гостиварско Чајле

Жители на гостиварското село Чајле на протестен собир искажаа незадоволство заради продажба на земјиште во нивниот атар. Според нив, сопственикот на земјиштето имал намера да го отуѓи, а на тоа место да се започне со експлоатација на рудни минерали.

Селаните деновиве разбрале дека земјиштето кое го сметаат за селски имот има нов сопственик и добиле сознанија дека тој сака да го продаде со намера да го пренамени. На протестот беа повикани државните институции да ги проверат документите за овој случај и да се произнесат во најкус можен рок.

– Бараме да ни се објасни како ни е одземен имотот и сметаме дека е класична узурпуација. Овој простор е пасиште, а не како што разбравме дека ќе бидат ниви. Зад целава работа има нечесни намери и ние апелираме до надлежните до го расчистат овој проблем кој се наметна, рекоа на протсетот неколкумина селани од Чајле.

Според кажувањата на селаните, спорното земјиште во месноста Јурија на кое некогаш имало средновековна населба за кое сметаат дека е сопственост на државата, во 2001 година е отуѓено и има сопственик.

Тие на протестот најавија дека и понатаму ќе излегуваат на протестни собири, сé додека, како што рекоа, не добијат објаснување како земјиштето добило нов сопственик и додека тоа не биде вратено во претходна сопственост.