четврток, 21. октомври 2021. Вести денес: 0
home Македонија

ПХЕ: Вакцините можеби нема да можат да го спречат ширењето на Делта сојот

ПХЕ: Вакцините можеби нема да можат да го спречат ширењето на Делта сојот

Постојат рани знаци дека вакцинираните луѓе би можеле да го пренесуваат сојот Делта на коронавирусот исто толку лесно како и невакцинираните луѓе, соопшти денеска Државната агенција за јавно здравје на Англија (ПХЕ).

Наодите се совпаѓаат со оние на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), кој минатата недела предупреди дека вакцинираните лица заразени со варијантата Делта, за разлика од другите варијанти, можат да ја шират инфекцијата.

Високо заразната варијанта на коронавирус е глобално доминантна и одржува пандемија од која починаа повеќе од 4,4 милиони луѓе, вклучително и повеќе од 130.000 во Велика Британија.

Се покажа дека вакцините обезбедуваат добра заштита од посериозна клиничка слика и смрт по инфекција со Делта, особено две дози, но има помалку податоци за тоа дали вакцинираните лица можат да продолжат да го шират вирусот на другите.

„Некои првични наоди сугерираат дека нивото на вирусот кај заразените со варијантата Делта и вакцинирани може да биде слично на она што е пронајдено кај невакцинирани лица“, соопшти ПХЕ.

„Може да има последици на заразноста на луѓето без разлика дали се вакцинирани или не. Но, ова е рана анализа на истражувањето и потребни се дополнителни насочени студии за да се потврди дали е тоа така”.

ПХЕ објави дека од 19 јули, меѓу хоспитализираните лица заразени со варијанта Делта, 55,1 проценти биле невакцинирани и 34,9 проценти ги примиле двете дози на вакцина против Ковид-19.

Речиси 75 проценти од британското население ги прими и двете дози, а ПХЕ наведува дека „како што се вакцинираат повеќе луѓе, ќе се види поголем релативен процент од вакцинираните во болница“.

ПХЕ исто така наведува дека втората варијанта, позната како B.1.621 и откриена во Колумбија, покажува знаци на избегнување на имунолошки одговор од вакцини или претходна инфекција. Според нив, таа варијанта е „под истрага“, но не ја прогласи за „загрижувачка варијанта“ – ознака што може да предизвика силна политичка реакција.

„Има прелиминарни лабораториски докази што сугерираат дека вакцинацијата и претходната инфекција може да бидат помалку ефикасни во спречувањето на инфекцијата со B.1.621“, наведе ПХЕ, додавајќи дека 37 случаи на таа варијанта се потврдени во Англија.

„Сепак, овие податоци се многу ограничени и потребни се дополнителни истражувања. Нема докази што сугерираат дека се пренесуваат повеќе од доминантната варијанта Делта”.

Локални избори 2021