понеделник, 17. декември 2018. Вести денес: 58
home Македонија

„Њујорк тајмс“: ФБИ од Дерипаска сакал да направи свој шпион

„Њујорк тајмс“: ФБИ од Дерипаска сакал да направи свој шпион

Американските специјални служби се обиделе да го направат рускиот  бизнисмен Олег Дерипаска шпион и да добијат информации од него за наводно учество на Русија во изборите во САД. Тие напори не успеаја да донесат плод, пишува „Њујорк тајмс”.

Според извори на американскиот весник, ФБИ во 2014 и 2016 година се обиде да го принуди Дерипаска да работи за нив како информатор во замена за ветување дека ќе ги реши проблемите со добивањето на американска виза.

Меѓу посредниците  биле сега веќе поранешниот висок американски официјален претставник Брус Ор и поранешниот британски разузнавачки агент Кристофер Стил, кои работеле заедно, пишува весникот.

Стил е автор на т.н. досие Доналд Трамп, кое содржи непроверени компромитирачки информации за американскиот претседател. Според „Њујорк тајмс”, САД првично сакале од Дерипаска да добијат информации за наводната поврзаност на рускиот организиран криминал со руското раководство.

Според извори на весникот, бизнисменот за време на состанокот со американските официјални лица изјавил дека таквите тврдења се погрешни. Тој не изразил желба повторно да се сретне со нив.

Во септември 2016 година, соработници на ФБИ  без претходна најава се појавиле во куќата на Дерипаска во Њујорк и почнале да го прашуваат дали поранешниот шеф на штабот на Трамп,  Пол Манафорт бил врска помеѓу предизборните кампањи на Републиканската партија и Кремљ.

Според весникот, Дерипаска ја сметал таквата теорија за апсурдна и рекол дека немало нелегална комуникација меѓу помошникот на Трамп и Русија.

„Њујорк тајмс“ пишува дека тогаш Министерството за правда и ФБИ сфатиле дека обидите да врбуваат Русин претрпеле неуспех.

Според податоците на изворот на весникот, бизнисменот ги известил руските власти за состаноците со претставниците на ФБИ. Во април 2018 година, Америка воведе санкции против Дерипаска и низа компании, кои се поврзани со него.