вторник, 17. септември 2019. Вести денес: 52
home Македонија

Николоски: Ласло Трочањи како комесар за проширување е добра вест, затоа што Унгарија силно се залага за интеграција на целиот регион во ЕУ

Николоски: Ласло Трочањи како комесар за проширување е добра вест, затоа што Унгарија силно се залага за интеграција на целиот регион во ЕУ

Во Брисел беше објавен новиот состав на Европската комисија. Европската влада на чело со досегашната министерка за одбрана на Германија, Урсула фон дер Лајен, ќе ја води Европската Унија во следниве пет години. По игра на случајот, токму овие два дена сум во Брисел на состаноци на Политичкото собрание на Европската народна партија (ЕПП) како и многубројни други средби во Европскиот парламент и Европската комисија. И во овој состав на Европската комисија, ЕПП останува најсилен играч. Партијата на основачите на Европската Унија во која членуваат најмоќните централно десничарските партии од Европа повторно го добива претседателското место, како и неколку клучни ресори.

Оваа комисија е композиција на најголем број политички партии досега, со многу спротивставени гледишта. Тоа ќе биде силен предизвик за Фон дер Лајен да направи баланс на интересите и на десницата и на центарот и на левицата. Во исто време, оваа комисија ја отсликува реалноста во Европа. Унијата како никогаш досега е поделена, па дури и поларизирана за многу суштински парања. Во зависност од условите, во различни држави победуваат различни политички групации и веќе ги нема познатите бранови од минатото кога во серија во повеќе држави во Европа победуваа партии од левицата или од десницата.

Токму овој микс е она што најмногу се коментира денес во Брисел. Во новата комисија има силно портфолио за климатски промени, но и за демократија и демографија кое оди кај нашите пријатели од ХДЗ од Хрватска, а новата комесарка Дубравка Шуица е јасно определен конзервативец, но и добар менаџер жена, која во двата мандата како градоначалник на Дубровник успеа целосно да го трансформира градот и направи една од најатрактивните светски туристички дестинации.

Она што е особено важно е што се дава силна поддршка на проширувањето. Имено, после пет години стагнација најавени и реализирани од сегашниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер, повторно проширувањето е во врвната агенда. Секако, тоа има и свои големи противници, па беше интересно да се гледа овие два дена во Брисел како оние што се за проширување се обидуваа да остане како такво портфолиото во новата комисија и оние што се против и бараа да се оддели и раздвои и да се спои со други, а со тоа да се изгуби или потисне приоритетот за проширување. Победи струјата која е за проширување, што не значи дека неколку клучни држави кои се против проширување нема да продолжат да се спротивставуваат на него. Таа битка ќе биде судбинска за Македонија. Но во таа битка ние можеме да им помогнеме на пријателите на проширувањето, пред сè со силна работа и реформи дома како и искрен пријателски однос со нив, а не идеолошки напади.

Особено значајно за целиот регион е што проширувањето и добрососедската политика одат во Унгарија која го номинира наследникот на Јоханес Хан во ликот на досегашниот министер за правда на Унгарија и носител на пратеничката листа на партијата Фидес на последните европски избори. Ласло Трочањи е добра вест за целиот регион, затоа што Унгарија силно се залага за интеграција на целиот регион во ЕУ, а тој со своето богато искуство ќе може многу да помогне на овој пат.

Се разбира, домашните перформанси на секоја земја аспирант, па и на Македонија, ќе бидат многу значајни, но добро е кога се има ветер во грб. Македонија треба да е паметна и да ја искористи оваа ретка можност. Како никогаш до сега имаме вистински пријател зад нас.

Дали владата на Заев има капацитет за тоа? Би рекол едно големо – не! Со континуираното напаѓање на Унгарија и премиерот Орбан, пред сè од идеолошки и лични причини не може да се смета дека би направиле некоја голема промена во односите сега. Дури се плашам дека можат да одат и во уште поголеми екстреми.

Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ негува традиционално добри односи со Унгарија и со Фидес. Последната средба со премиерот и претседател на Фидес, Виктор Орбан, на која бевме заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, уште еднаш го потврди тоа партнерство. Неколку денови пред таа средба ја имав честа да настапам на најголемиот младински камп во Европа кој се одржа во Трансилванија во Романија, на кој повторно една од клучните улоги ја играа Унгарците. Сето ова се силни и цврсти патокази за едно солидно партнерство, партнерство кое ВМРО-ДПМНЕ има и знаење и начини да го искористи по следните предвремени парламентарни избори на кои ќе победи и ќе формира влада.

Македонија доволно долго чекаше пред вратите на ЕУ. Потребно е силно поместување и во соработка со нашите партнери од германската ЦДУ, која го доби претседателското место во Европската комисија и унгарската Фидес, која го доби ресорот проширување на ЕУ, можеме да ја поведеме Македонија кон преговори за членство кои на позитивно ќе ја трансформираат државата, а по нивното успешно завршување и кон членство во ЕУ. Нашата мисија секогаш била работа и резултати. Изборот е на граѓаните.

Пишува Александар Николоски.