понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 0
home Македонија

Наместо Иванов, Заев за договорената рамка за спорот со името си го информира само партиското раководство

Наместо Иванов, Заев за договорената рамка за спорот со името си го информира само партиското раководство

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вечерва го информира партиското раководство за договорената рамка за решението за името. Ова доаѓа во време кога претседателот на државата, Ѓорге Иванов соопшти дека до него нема доставено информации за договорената рамка, на која завчера се повика министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Според најавите, Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас во телефонски разговор треба да го заокружат решението за кое претходно во Брисел министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас утврдија принципи и начела.

– Се работи на правно-формалниот аспект на самиот договор, следува разговор помеѓу мене и премиерот Ципрас, верувам деновиве, вечерва, утре или до петок. На овој разговор очекувам да направиме исчекор што е многу значаен и затоа ги следиме сите шпекулации во јавноста, наведе денеска премиерот Заев во отчет за едногодишната работа на Владата.

Од друга страна, Иванов вели дека до него не биле доставени информации за договорената рамка, ниту информации за последните средби меѓу шефовите на дипломатиите на двете држави.

-До Кабинетот на Република Македонија нема доставено информација за договорената рамка за можно решение на разликата околу името, ниту информации за последните две средби на министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција, одржани во Брисел и во Њујорк. Кабинетот на Претседателот на Република Македонија не е информиран ниту за составот, ниту за работата на правните тимови од двете земји во Атина на текстот на билатералниот договор, велат од кабинетот на Иванов.

До претседателот, велат од неговиот кабинет, претходно не бил доставен ниту предложениот пакет за името Република Илинденска Македонија, иако шефот на државата побара да добие писмен документ за последниот тек на настаните поврзани со спорот за името.

Кабинетот на Претседателот во неколку наврати претходно побара до претседателот Иванов да бидат доставени документи поврзани со текот на разговорите,  вклучително и нацрт-текстот на билатералната спогодба за надминување на разликата околу името, доставен од Министерството за надворешни работи на Република Грција, оценувајќи дека се врши селективно информирање на македонскиот претседател.

-Очекувам барем основниот документ на кој се гради овој предлог, а тоа е првиот што го дала грчката страна, да го имаме на увид, за да знаеме за кои прашања воопшто се разговара. Јас досега сум бил принципиелен и останувам доследно да се придржувам на изградените ставови од претходните претседатели на Република Македонија, изјави претседателот Иванов пред 10 дена, по информативниот состанок на државно-политичкиот врв.

Коронавирус