Од Министерството за внатрешни работи вечерва реагираа на објавените информации во текстот со наслов „МВР склучило договор во 4 очи вреден 2,8 милиони денари“.
Во продолжение интегрално Ви ја пренесуваме реакцијата од МВР:
Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира злонамерните невистини објавени од порталот Курир во текстот „ МВР склучило договор во 4 очи вреден 2,8 милиони денари“ во кој се изнесени тврдења дека „на овој начин се отвораат нови можности околу злоупотреби на целиот процес и се отвора можност за корупција“.
Постапката за јавна набавка на услуги за дефектажа, сервисирање, калибрација и верификација на уреди за мерење на брзина на возила – ласерски радари Проласер 3 и Ласеркам 4 во Министерството за внатрешни работи се спроведува континуирано седум години, по истиот основ од Закон за јавни набавки односно согласно член 99, став 1, точка 1, алинеја 2 – “постапка со преговарање без претходно објавување на оглас од технички причини односно причини врзани за заштита на ексклузивните права (патент), договорот може да го изврши само одреден економски оператор”. Ексклузивните права за производство, сервисирање како и специјалната лабораторија за калибрација на уредите на територија на Европа ги поседува економскиот оператор Теликс ДОО од Нови Сад, Република Србија, а доделени од сопственикот на патентот Кустом Сигналс од Соединетите Американски Држави. Во спроведување на постапката беше вклучена тричлена комисија за јавни набавки и лице за контрола на квалитет од МВР, како и двајца претставници од Биро за метрологија на Република Македонија.