четврток, 22. август 2019. Вести денес: 109
home Македонија

„Лидер“: Нов скандал на повидок- дали вработен во Националната агенција доделува еврoпски пари на свои невладини?

„Лидер“: Нов скандал на повидок- дали вработен во Националната агенција доделува еврoпски пари на свои невладини?

Астрит Реџепи, вработен во Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност, во исто време работи и во тимот на невладината организација Центар за образование и развој, како шеф на делот за образование, дознава Економски Лидер од извори во Агенцијата.

Реџепи е вработен во Националната Агенција од 2015 година. Економски лидер истражуваше дали можеби се работи за лице кое во Националната Агенција е вработено од скоро. Со тоа сакавме да се осигуриме дека не се работи за технички пропуст на администраторот т.е. сајтот е не-ажуриран и доскорешниот нивен вработен не е отстранет. Според информациите јавно достапни на Фејсбук профилот на Реџепи, истиот работи во Националната агенција од април 2015, што дава цели 4 години да се ажурира овој дел од сајтот, кој инаку изобилува со информации.

Иако Реџепи работи во Националната Агенција и е задолжен за координација на европски фондови, тој исто така работи и во тимот на Невладината Центар за Образование и Развој како Шеф на делот за образование. Реџепи е, според сајтот, дел од персоналот на оваа невладина а не само нејзин член т.е. се појавува во staff (персонал)!

Сајтот www.ced.org.mk добил и награда – Трето место во категорија за најдобар сајт за Невладини организации во 2016 година, што зборува дека Невладината организација посветува сериозно внимание на нивниот online Имиџ и дека се апдејтира редовно.

Во текот од 2016 година, оваа невладина органзиација добила илјадници евра од програмата Еразмус плус, па се поставува прашањето дали постои злоупотреба на службена позиција.

Инаку Реџепи, се јавува и како координатор и учесник на проектот Start in Project, како што можете да видите на сликата подоле каде покажува со раката дека е дел од тимот на Центар за образование и развој.

Оваа фотографија е од проект Тренинг Курс кој се реализирал во периодот од 01 до 09 февруари 2018 година.

Дали Реџепи може да работи за Национална Агенција и за Невладина органзиација во исто време? Дали ова не е јасен конфликт на интереси бидејќи се работи за организација која што работи со Еразмус плус проекти, истите за кои Реџепи е задолжен да ги координира во име на Националната Агенција!

Во моментов сајтот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност не е во функција.
Не сме во можност да провериме дали Центарот за Образование и Развој е на листата на добитници од Програмата Еразмус+ и за оваа година и колки илјадници евра им се одобрени оваа година. Доколку тоа е случај, сведоци сме на најдиректна состојба на Конфликт на интерес каде лице вработено во националната агенција доделува грантови на невладина организација во која е при самиот врв.
За вакви ситуации се заинтересирани Европските истражители од OLAF како и државните институции за гонење на криминал и корупција.

На официјална Facebook страна на Националната Агенција доколку се разгледа, се забележува дека истата се користи за демантирање на написи во медиуми кои не се во прилог на оваа Државна институција. Интересно е дека последниот демант поврзан со нашата неодамнешна сторија е споделен само од страна на директорката Лидија Димова, Астрит Реџепи и Алек Гочев (исто така вработен во НА).

Новинарскиот тим на Економски лидер има пратено барање за појаснување до Националната агенција за европски образовни програми дали овие очигледни злоупотреби се точни. До моментот на објавување на оваа вест немаме никаква информација од страна на Националната агенција.