сабота, 17. ноември 2018. Вести денес: 56
home Култура

„Звуци на чаршијата“ по 12. пат

„Звуци на чаршијата“ по 12. пат

Во старото градско јадро на Скопската чаршија денеска и утре ќе се одржи традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“, чија цел е веќе неколку години преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети, чаршијата да заживее во духот на традицијата како културен и духовен споменик на градот и да се врати духот на занаетите.

„Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација што годинава се одржува по 12. пат и има за цел да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе кон еманципација на културно неизградените средини, но и да даде придонес кон континуираните активности на Градот Скопје и Културно-информативниот центар – Скопје во Старата скопска чаршија.

Во рамки на манифестацијата вечер ќе се одржи настанот „Книжарницата во чаршијата“ во чии рамки е предвидена литературна среба со наслов „Тропам на вратата на писателот“.

На платото пред Штуловиот универзитет, пак, со концерт на класична гитара ќе настапи „Дуо Бојкоски“, а во 20 часот е концертот на Емин Сали и на извонредниот вокал Доника Домазети, која со многу љубов и виртуозност изведува албанската староградска музика во латино, џез и свинг ритам.

На плоштадот Скендербег концерт ќе одржат „Оксиџен бенд“, како и музичките уметници Линдита Хакај (мецоспоран), Рина и Саранда, и Неџат и Ваљон Сума.

Утревечер, на плоштадот Скендербег диџеј сет ќе има диџеј Гамблеманиа, а ќе настапат и Џурим Дема, Фатјон Мифтари и Ардиан Бакали, Албан Скендерај, Гето Геаси-Маршал Џангл.

Директорката на Културно информативниот центар, Сермине Пурини, посочува дека фестивалот,  кој е дестинација на квалитетна забава и ги почитува обичаите и духот на Старата скопска чаршија, е првиот чекор што Град Скопје го направи во 2006 година како иницијатива за заживување на чаршијата. Изменетото работно време и забраната за движење на возила по улиците на чаршијата, пак, придонесоа таа да стане најфереквентното место во градот во кое доаѓаат да се забавуваат  граѓани од сите националности.

Изминативе години на „Звуците на чаршијата“ учествуваа многу познати пејачи, уметници, танчери, аниматори, познати групи, македонски, албански, турски, ромски, во духот на идејата на манифестацијата, да биде мултикултурна. КИЦ – Скопје, освен на реномирани уметници им дава шанса и на дебитанти, кои токму тука, на ова место, на оваа манифестација ја започнале својата кариера.

МИА