понеделник, 20. август 2018. Вести денес: 47
home Култура

Втор повик за млади уметници на програмата „Инкубатор“

Втор повик за млади уметници на програмата „Инкубатор“

Млади уметници на возраст од 16 до 30 години можат да аплицираат на вториот јавен повик на „Инкубатор“ програмата на Интерарт културен центар.

На отворениот повик уметниците можат да аплицираат во три невербални категории – музика, танц и визуелни уметности. Сите пријавени кандидати треба да приложат кратка биографија, а соодветно на посебните категории треба да исполнат технички критериуми достапни на интернет страницата на Инкубатор – www.inkubator.com.mk/apliciraj/.

Уметничкиот директор и ментор на проектот Рисима Рисимкин изјави дека е многу задоволна од досегашниот развој на проектот „Инкубатор“ и оти ги очекува „Инкубатор“ продукциите, кои како финален производ ќе бидат презентирани пред македонската јавност на крајот на јуни.

– Ги повикувам и охрабрувам сите млади уметници кои се заинтересирани да аплицираат на вториот повик за Инкубатор програмата за култура и да бидат дел од овој исклучителен проект. Многу сум и благодарна на Амбасадата на Швајцарија во Македонија за поддршката и овозможувањето овој проект да се реализира, со што ја издигнуваме младинската современа културна сцена на повисоко ниво и овозможуваме млади уметници да се изразат и работат на нови продукции, што е реткост во Македонија, изјави Рисимкин.

Завршните дела на младите уметници од првиот отворен повик ќе и бидат презентирани на јавноста во повеќе градови низ Македонија, која ќе има можност да ужива во исклучителен мултимедијален сценски перформанс.

Културната програма „Инкубатор“, поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Македонија, претставува нова платформа за интегрирање млади креативни поединци во современиот уметнички контекст, овозможувајќи им професионална поддршка, менторство и простор за креативна експресија и реализација на нивните идеи.