петок, 16. април 2021. Вести денес: 150
home Култура

Возбудливиот Рахмањинов – овој четврток во Филхармонија

Возбудливиот Рахмањинов – овој четврток во Филхармонија

Овој четврток, во 20 часот оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Хипноза“ на кој како солистка ќе настапи пијанистката Марија Ѓошевска. Диригент е Антони Вит, а на програмата се Серенада за дувачи оп.7 од Штраус, Концертот за пијано и оркестар бр.2 од Сергеј Рахмањинов и Серенада за гудачи од Карлович.

Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во це-мол од рускиот композитор Сергеј Рахмањинов премиерно бил изведен на 9 ноември 1901 година. Овој концерт е пијанистичко ремек-дело. Еден од најпознатите и најизведувани концерти на светската музичка сцена. Овој концерт,всушност, му ја „вратил“ назад музичката кариера на Рахмањинов, по неуспехот на неговата Прва симфонија. Критиките за изведбата биле толку сурови што му направиле креативен блок што траел речиси три години. Пријателите го натерале да се консултира со д-р Николај Дал, пионер во развојот на хипнотерапијата, и по неколкумесечна терапија, Рахмаљинов ја вратил самодовербата и почнал да го пишува Концертот за пијано и оркестар бр. 2. Му го посветил на д-р Дал, а го извел самиот како солист.

Рихард Штраус имал 17 години кога ја напишал „Серенада за дувачи“ во 1881 година. Како чудо од дете, веќе имал напишано Гудачки кварет, Соната за пијано, неколку пократки дела за пијано, Марш за оркестар… Неговиот татко, Франц Штраус, бил водач хорнист во оркестарот во Минхен, а инспирацијата од неговото свирење, секако, е една од причините за создавањето на ова дело. „Серенада“ премиерно била изведена во Дрезден, во 1882 година, под диригентската палка на Франц Вулнер, кој ги водел и минхенските премиери на „Прстенот“ и „Валкири“ од Рихард Вагнер.

Мјачеслав Карловиц (1876–1909) е полски композитор, претставник на „Младата Полска“, генерација музичари од кои е најпознат Карол Шимановски. Музичкото образование го започнал како виолинист, но по доаѓањето во Берлин, каде што студирал од 1895 до 1901 година во класата на Хенрик Урбан, кој бил голем обожавател на музиката на Рихард Штраус, тој почнал да учи композиција. Тогаш ги создава првите дела, меѓу кои и „Серенада за гудачи“ со која започнува да ја презентира својата фасцинација од поголемите музички форми. „Серенада“ е негово прво поголемо дело и, всушност, прво оркестарско дело кое го напишал за време на својот краток живот (починал по незгода на скијање). Напишано под супервизија на Урбан, и премиерно било изведено на концерт на студентски дела во Берлин во 1897 година. Иако Дворжак и Чајковски веќе постигнале популарност со своите истоимени дела, исто како и Јозеф Сук и Брамс, Карлович како инспирација за својата „Серенада“ го зел опусот на многу малку познатиотгермански композитор Роберт Волкман.

Добитникот на „Греми“ – маестро Антони Вит е еден од највлијателните полски диригенти и, воопшто, еден од најпочитуваните ликови на полската музичка сцена денес. Откако ја освоил престижната награда „Херберт вон Карајан“ на Интернационалниот натпревар по диригирање во 1971 година и бил асистент на славниот Карајан на Источниот фестивал во Салцбург, тој соработувал со сите водечки оркестри во Полска пред да ја заземе позицијата генерален и уметнички директор на Варшавската филхармонија во 2001 година. Бил и музички директор на Симфонискиот оркестар Де Навара во Шпанија, а моментно е диригент-лауреат на Краков филхармонија во Полска. Во 2015 година го доби францускиот орден „Легија на честа“ за промоција на француската музика. Ужива славна интернационална кариера диригирајќи со видни оркестри во светот, како што се Берлинската филхармонија, оркестарот „Тонхале“ во Цирих, Националната академија на Санта Чечилија, Кралската филхармонија во Лондон, Би-би-си филхармонија, Кинеската филхармонија, Кливленд оркестар… Неговите настапи се снимени на повеќе од 200 аудиозаписи за реномирани издавачки куќи и за нив е добитник на бројни награди, меѓу кои и на престижната „Греми“ (2013) за изведбата на „Фонограми“, „Партита“ и Концерт за хорна од Пендерецки, како и шест номинации за неа, но и на награда од Фондацијата „Карол Шимановски“ за промоција на неговата музика за аудиозаписите за „Наксос“. Маестро Вит има голема заслуга за изведбата на речиси сите современи дела од големите полски композитори, како што се Лутославски, Пендерецки, Карловиц, Шимановски… Студирал на Музичката академија во Краков, а ги продолжил студиите кај почитуваната Надја Буланже во Париз. За современата музика, во едно интервју, ќе каже: „Изведбата на полската современа музика стана дневна работа за мене. Затоа што ја изведувам многу почесто од другите диригенти. Се чувствувам сигурен на ова поле, иако никогаш не го третирам тоа како професионална должност. Секогаш сум мислел дека тоа е мисија на Полскиот радиооркестар, да ја промовира полската музика на современиците, и затоа оваа музика е мошне важна“. Еден од последните негови ангажмани е снимањето каталонска музика, како и дебито во Индија со Националниот симфониски оркестар.

Марија Ѓошевска е една од најистакнатите пијанисти во Република Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека, во нејзината личност, македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Музичкото образование го започнува во Основното музичко училиште „Владимир Арсовски“ во Неготино. Средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски–Луј“ во Скопје, во класата на проф. Снежана Анастасова-Чадиковска (1998), а дипломира (2002), магистрира (2004) и докторира (2009) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов. Во рамките на докторатот, под менторство на проф. д-р Томе Манчев, Ѓошевска успешно го брани научниот труд на тема „Аспекти на влијание на хармонијата врз репродуктивниот процес погледнато низ призмата на делото Соната за пијано D-960 од Франц Шуберт“. Добитничка е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Настапува како солист со Македонската филхармонија, а значајни се и концертите со Дубровачки симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на Меѓународниот фестивал „Охридско лето“, соработувајќи со повеќе диригенти: Кристоф Кампестрини, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев… Репертоарот на Марија Ѓошевска опфаќа голем број дела од барок до современа музика. Во периодот 2010–2011 година, учествува на европскиот проект „Пијано – рефлексија на европската култура“ со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Македонија. Во 2011 година, одржува целовечерен Рецитал на фестивалот PianoPlageFestival во Франција. Марија Ѓошевска, во 2016 година, ја доби престижната награда „Виртуози“ во категоријата музички изведувач.

Коронавирус