вторник, 11. мај 2021. Вести денес: 84
home Култура

Во Велес отворена изложба од 24. Меѓународна кичевска ликовна колонија

Во Велес отворена изложба од 24. Меѓународна кичевска ликовна колонија

 Народниот музеј од Велес синоќа во Ликовниот салон ја отвори изложбата на дела создадени на 24-тата Меѓународна кичевска колонија што  во јули минатата година  се одржа во „Куќата на уметноста“ во атарот на село Кнежино, Кичевско.

На изложбата, единаесет ликовни уметници се претставени со 16 уметнички дела во повеќе техники: акрил на платно, масло на платно, комбинирана техника и графики како и четири фотографии кои претставуваат дел од поголемиот корпус на уметнички дела креирани на последната колонија, информира пред присутните Анита Василкова Мидоска в.д. директор на велешкиот Народен музеј.

На колонијата учествувале уметници од 14 држави: Казахстан, Северен Кипар, Индија, Иран, Италија, Египет, Романија, Словенија, Турција, Косово, Србија, Хрватска, Бугарија и Македонија.

– Сите уметници доаѓаат од подрачја кои во себе ја имаат вткаено историјата не само на своето тло туку со големи букви ја имаат испишано и светската историја на човештвото. Токму овој вткаен генетски код на секој автор заедно со нивниот сопствен ликовен јазик ни овозможува широк дијапазон на разновидни дела кои го отслликуваат светот на уметникот, појасни Василкова Мидоска.

Таа потенцира дека генерално говорејќи, секоја уметничка колонија има сопствена историја која ја надополнува мозаичната слика на современата уметност кој во струните на времето прераснува во тестамент на историјата и залог за иднината.

– Колонијата во својата суштественост претставува не само дијалог на уметникот со самиот себе, тоа е и дијалог на уметникот со сето она што го опкружува, а пред се’ и над се’ меѓусебен дијалог на сопствените авторите – учесници кои независно од сопствените „ликовни ракописи“ ја будат, генерираат и презентираат онаа уметничко-духовна нишка која вткаена како лична карта на духовниот свет на секој автор придонесува во креирањето на големата слика која во себе ја носи ликовната колонија, појасни Василкова Мидоска.

Таа информира дека делата на оваа колонија го водат гледачот  од импресионистичкиот импакт преку експресионистичкиот порив до лирскиот кубизам, за на крај да го доживее сјајот на лирската и експресионистичката апстракција.

(Миа)

Коронавирус