вторник, 25. февруари 2020. Вести денес: 49
home Култура

Уметникот Глигор Стефанов му подари 21 дело на Музејот на современата уметност

Уметникот Глигор Стефанов му подари 21 дело на Музејот на современата уметност

Уметникот Глигор Стефанов, кој минатата година имаше ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност (МСУ), одлучи делата од оваа поставка, насловена „Грабење во просторот“, да му ги подари на музејот и да му ги пренесе своите авторски права за сите дела од поставката.

– Горди сме што колекцијата на Музејот на современата уметност е побогата за една толку значајна збирка составена од 21 ремек-дело на нашиот уметник Глигор Стефанов, соопшти МСУ.

Стефанов, кој повеќе години  живее и работи во Канада, изјави дека дарувањето е израз на благодарност и љубов.

-Не можам да го заборавам оној тмурен ноемвриски ден во 1981 година, неколку месеци по моето дипломирање, кога како млад и анонимен уметник, без препораки и познанства, влегов во канцелариите на МСУ за да замолам ако некој сака да го погледне моето портфолио. Таа посета на МСУ го промени мојот живот. Марика Бочварова во последен момент ме вклучи во изложбата „Млада генерација”, Соња Абаџиева ме покани да учествувам во изложбата „Интервенции во простор”, Зоран Петровски ме предложи за наградата „Млад борец” а Мирослав Поповиќ ме избра во годишната изложба „Критичарите бираат”. Така почна веќе познатата долгогодишната соработка, истакнува Стефанов и додава дека подарувањето на делата од ретроспективната изложба на МСУ е упатување благодарност кон институцијата и кон секој со кој соработувал и работел во минатото и во деновите кога таа била подготвувана.

Ретроспективната изложба, монографијата и сместувањето на делата во колекцијата на МСУ, вели Стефанов, се целина која ја заокружила неговата уметничка активност што интезивно се одвивала во 1980-тите и 1990-тите години и е директно поврзана со македонското поднебје и сензибилитет.