среда, 20. јуни 2018. Вести денес: 102
home Култура

Три концерти во МКЦ на третиот фестивалски ден од 17. ОФФест

Три концерти во МКЦ на третиот фестивалски ден од 17. ОФФест

Во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар вечер од 20 часот на ОФФест ќе гостува италијанската група „Офичина Зое“ (Officina Zoe). Шесте нејзини членови ќе го претстават „пицика тарантата“ – народен танц и музички стил од јужна Италија.

Уште од 1993 година тие се најпознатата група која ја изведува традиционалната музика од регионот на Саленто и се наречени „чувари на пициката”. Соработуваат и со други култури, како турскиот мултиинструменталист Мерџан Деде, пејачот од Мали Мамани Кеита и Баба Сисоко и имаат настапувано во САД, Австралија, Кореја, Јапонија, Аргентина, Мароко, Индија.

Во Дансинг салата на МКЦ од 21.30 ќе гостува петчлениот состав од Тунис „Ифрикија Електрик“ (Ifriqiyya Electrique) кои ќе претстават уникатен проект произлезен од Банга – древна музичка традиција карактеристична за јужниот дел на пустината во Тунис.

– Вистински адорцистички обред и транс кој го практикува заедницата Банга. Настап на Банга музичарите во интеракција со електроника и засилувачи. Рекомпонирана музика, трансцендентална и постиндустриска церемонија.  Истовремено, тоа е ритуал со кој се повикуваат духовите да влезат во телото и умот, наведува ОФФест.

Нивниот деби албум „Ruwahine“ објавен во 2017 година беше меѓу првите десет на светските музички листи во Европа и САД.

На третата вечер од 17. ОФФест, третиот концерт во МКЦ (Дансинг сала) од 23 часот ќе биде на турската пејачка Гаје Сју Акјол, која е извонредно успешна во спојувањето на рок и инди-музиката со препознатливиот турски звук.

– Мојот стил наликува на старото турско пеење, богато и експресивно. Мојата музика е нешто ново во Турција, но и во светот, затоа што е мешавина на многу стилови, вели пејачката од Истанбул. За нејзиниот последен албум „Hologram Imparatorlugu“ ОФФест посочува дека е „енергичен, моќно опоен и отровно убав, проследен со брилијантна европска турнеја“.

Саботната фестивалска вечер ќе заврши со полноќен настап на белгискиот диџеј Мукамбо во клубот „Епицентар“. Диџејот од Брисел  Мукамбо е Бенџамин Толет – белгиски музички новинар, радиоводител и продуцент, кој од 2005 пишувал и за неколку белгиски, холандски и француски весници и списанија како експерт за светската музика.

Неговото Радио Мукамбо е наклонето кон африканската музика- афро-битот, етиопскиот грув, афро-латинските и афро-бразилските, сукус, арабеска и португалските звуци, како и хип-хопот. Во последните четири години Мукамбо е движечка сила на „Groovalicious“ – најголема глобална грув-забава во Брисел.