вторник, 22. септември 2020. Вести денес: 138
home Култура

Традиционалната „Вечер на ЕУ“ во рамки на „Охридско лето“ со уметниците Ное Инуи на виолина и Василис Варварос на пијано

Традиционалната „Вечер на ЕУ“ во рамки на „Охридско лето“ со уметниците Ное Инуи на виолина и Василис Варварос на пијано

Фестивалската програма „Охридско лето“ ја продолжува со веќе традиционалната „Вечер на Европската Унија“, во чии рамки на сцената на Предворјето на „Света Софија“ ќе настапат виолинистот Ное Инуи од Белгија, во придружба на Василис Варваресос од Грција на пијано.

Домаќин на настанот ќе биде амбасадорот Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската Унија во земјата.

Делегацијата на ЕУ четиринаесет години непрекинато го поддржува организирањето на настанот „Вечер на Европската Унија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Делегацијата го поддржува учеството на голем број европски уметници на фестивалот со што ја поттикнува меѓукултурната соработка и размена. Настанот „Вечер на Европската Унија“ започна да се организира во 2007 година со извонредниот настап на Барокниот оркестар на Европската Унија.

Инаку, Ное Инуи започнал да учи виолина на само четири години. Студира на конзерваториумите во Брисел, Париз, Карлсруе и Дизелдорф што му овозможува да ги запознае различните виолински „школи“- француско-белгиската, германската и руската преку дидактичките стилови на педагозите Галамијан и Столјарски.

Тие познавања во спој со карактерот на Ное Инуи резултираат со длабоко проникнување во музичката суштина кое е надополнување на неговата врвна виртуозност. Неговиот талент е наградуван на меѓународни натпревари и тоа во 2005 година на натпреварот „Сибелиус“ добитник е на специјалната награда за млади таленти, во 2007 година добива медал на натпреварот „Луис Шпор“ а во 2009 година е добитник на награда од фондацијата Млади концертни уметници во Њујорк. Награден е од министерството на Северна Рајна-Вестфалија, а во 2012 година на фестивалот „Вербие“ ја добива наградата „Јулиус Бар“за исклучително талентиран музичар. Во 2020 година Концертгебау во Амстердам го вбројува Ное во нивната селекција „Европски класични музичари на иднината“.

Од 2011 година наваму, Ное настапува на турнеи во Јапонија барем два пати годишно, а настапува со Јапонската филхармонија, Симфонискиот оркестар во Токио, како и со Симфонискиот оркестар во Каосиунг, но и во Европа со Националниот белгиски оркестар, Државната филхармонија во Атина, камерниот оркестар на Штутгарт со диригенти како Александар Лазарев, Андреј Борејко, Александар Џоел, Даниел Инбал, Пол Мејер, Денис Расел Дејвис, Пабло Гонзалес Кен-Давид Мазур и Николај Алексеев.

Редовно соработува со Холандската опера и балет каде како концертен солист настапува во повеќе балетски изведби.

Ное ужива во настапи како камерен музичар, настапувајќи со Василис Варваресос и Марио Херинг, а по неколку години со триото на Карло ван Несте, тој го основа Пијано-квартетот „Корнеил“, додека пак со пијанистот Варваресос и виолончелистот Бенедикт Клокнер го имаат и Триото „Бел Арте“. Како член на поголеми ансамбли, настапува со легендарните Марта Аргерич, Леонидас Кавакос и Џулиен Квентин.

Покрај концертната кариера тој предава на Универзитетот „Роберт Шуман“ во Дизелдорф и на универзитетот во Манхајм. Одржува мајсторски курсеви во Јапонија, САД, Грција и Белгија.

Има снимено седум носачи на звук, а последното е посветено на соло сонатите за виолина од Изаи.

Ное Инуи свири на виолина изработена од Томазо Балестриери во 1764 година.

Маестро Василис Варваресос дипломира, магистрира и докторира на престижната школа за музика „Џулијард“ во Њујорк. Неодамна кон неговите академски титули ја придодава и дипломата Уметник изведувач од Конзерваториумот за музика и танц во Париз каде студира под менторство на Мишел Далберто.

Победник на признатиот конкурс за млади уметници во Њујорк, на само 14 годишна возраст Василис Варваресос настапува рецитално во Њујорк и Вашингтон по што критиката го оценува како „Млад уметник во подем“. По тие концерти Василис настапува ширум САД, а неговите настапи ги вклучуваат и престижните концертни сали како „Вајл“ аудиториумот во Карнеги Хол, библиотеката „Морган“ во Њујорк, музејот „Изабела Гарднер“ во Бостон, Центарот „Кимел“ во Филаделфија и Кенеди Центарот во Вашингтон. По неговиот дебитантски настап во Салата „Зенкел“ во Карнеги Хол, Василис е поканет да настапи во Белата куќа за тогашниот претседател на САД – Барак Обама. Асоцијацијата на грчки критичари го прогласува за Најнадежен грчки уметник, а тој е редовно присутен на концертните подиуми во неговата родна земја.

Василис Варваресос е лауреат на меѓународниот натпревар „Џорџ Енеску“ во 2014 година, како и на признатиот натпревар на победници на интернационални натпревари „Пијано мастерс“ во Монте Карло во 2015 година.

Во сезоната 2020/21 тој настапува со Кристоф Ешенбах и Атинскиот симфониски оркестар, а ќе настапи и на Атинскиот и на фестивалот во Солун, како и на фестивалите во Гштад и Сен Урсан и фестивалот за камерна музика во Фукушима. Оваа сезона ќе настапи и во престижни концертни сали како Концертгебау во Амстердам и Мегарон во Атина.

Активен и како камерен музичар, Варваресос настапува во „Бозар“ во Брисел, Концертгебау во Амстердам, Театарот „Дилигентиа“во Хаг како и во Минхенскиот „Гастајг“ каде негови партнери за камерна музика се Мишел Далберто, Анри Демаркет, Никола Дотрикур, Ное Инуи, Ела ван Поуке и Анастасија Кобекина.

Претходните сезони Василис Варваресос настапува на фестивалот „Енеску“ во Романија, во Истанбул и Бодрум, како и со симфонискиот оркестар „Билкент“, оркестрите во Солун и Санкт Петербург. Рецитално натапува во „Тонхале“ во Цирих, „Музикферајн“ во Виена и салата „Гаво“ во Париз. Редовно е канет да одржува рецитали и мајсторски курсеви во Калифорнија, Синсинати, Чарлстон и Њујорк.

Неговиот последен албум „В за Валс“ е посветен на познатите дела инспирирани од танцот од Лист, Скрјабин, Шуман и Равел, а неодамна за издавачката куќа Навис класикс снима аудио записи со виолинистот Ное Инуи и баритонот Димитрис Тилиакос.

Концертот почнува во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

Коронавирус