понеделник, 10. декември 2018. Вести денес: 130
home Култура

Текст за Македонската филхамонија во списанието на Меѓународна асоцијација на менаџери од областа на уметноста

Текст за Македонската филхамонија во списанието на Меѓународна асоцијација на менаџери од областа на уметноста

Текст за историјатот на Македонската филхармонија, за официјалното отворање на новата концертна сала, како и рецензија на видниот англиски музички критичар од „Телеграф“, Џефри Норис, се објавени во списанието на престижната Меѓународна асоцијација на менаџери од областа на уметноста (The International Artist Managers’ Association – IAMA) со седиште во Лондон.

Отворањето на новата концертна сала, соопштија од Македонската филхармонија, се споредува со отворањето на престижната Филхармонија Елб во Хамбург, како уште едно извонредно архитектонско здание посветено на музиката кое ја одбележа оваа година.

Од Македонската филхармонија наведуваат дека на годинашната конференција на Меѓународната асоцијација на менаџери од областа на уметноста, која во Лондон се одржа од 23 до 25 април, присуствувал и директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, кој остварил битни контакти со уметнички менаџери и концертни агенти на светски музички институции и организации од областа на класичната музика за понатамошна соработка, особено во однос на гостување на врвни солисти и диригенти на сцената на Македонската филхармонија.

Илиески истакнал дека присуството на оваа конференција секогаш вродува со плод.

– Се сретнавме со значајни личности од областа на уметноста, кои се занимаваат со менаџмент, со концертни агенти од сферата на класичната музика и разменивме искуства кои ќе делуваат позитивно за нашата програмска политика. Имаме конкретни преговори за сезоната 2019/20 за нови уметнички имиња. Особено сум горд што за Македонската филхармонија е поместен текст во списанието на IAMA, затоа што токму тоа списание го читаат членки на менаџменти од европски и светски филхармониски куќи, опери, но и врвни агенции кои ги претставуваат светските солисти и диригенти, посочил Илиески. (МИА)