Култура 27 март

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

Во рамките на одбележувањето во 18 часот во фоајето на театарот ќе се одржи и промоција на монографијата Ристо Стефановски, основачот на Драмски театар.

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

Со бесплатни претстави во Македонски народен театар и Драмски театар и премиера во Театар Комедија, денеска во Скопје ќе биде одбележан 27 март – Светски ден на театарот.

По тој повод, Македонскиот народен театар организира две бесплатни претстави. Станува збор за детско-младинската претстава „Силјан Штркот шанца“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која ќе се одигра на малата сцена на 30 март во 12 часот и изведбата на претставата „Бесачи“ во режија на Јавор Грдев, која ќе биде со вечерна изведба на 6 април со почеток во 20 часот. Како што информираат од МНТ, гратис билетите ќе се подигнуваат пред почетокот на изведбите.

Организирана посета на ученици, промоција на монографија и две претстави во Драмски 

Во Драмски театар Скопје одбележувањето на овој ден започнува со организирана посета на театарот од страна на неколку групи на ученици од основните училишта кои ќе имаат можност да се запознаат со сите аспекти од работењето на театарот.

Во рамките на одбележувањето во 18 часот во фоајето на театарот ќе се одржи и промоција на монографијата Ристо Стефановски, основачот на Драмски театар. Промотор на монографското издание ќе биде Искра Гешовска теоретичарка на книжевност и уметност, додека, актерите Александар Степанулески, Предраг Павловски, Маја Вељковиќ Пановска и Јована Спасиќ пред посетителите ќе прочитаат делови од книгата. Програмската активност продолжува со именување на големата театарска сала во Сала Ристо Стефановски.

Во Драмски влезот ќе биде слободен за изведбите на претставите „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ вечер од 20 часот и „Пикник на фронтот“ во режија на Андреј Цветановски на 4 април. Резервација и подигнување на бесплатните билети за овие две претстави ќе се реализира преку билетарницата на Драмски театар Скопје.

Пред почетокот на претставата „Мојот маж“ ќе се прочитаат и две пораки по повод Светскиот ден на театарот, и тоа, македонската порака изготвена од театарскиот режисер, Коле Ангеловски, и светската порака за денот на театарот од Јон Фосе, норвешки писател, драматичар, драматург и добитник на Нобеловата награда за книжевност.

Во Театар Комедија Светскиот ден на театарот ќе биде прославен со првата премиера за оваа година каде со почеток во 20 часот на големата сцена ќе биде премиерно изведена претставата „Пар распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ и во превод на македонски јазик на Маја Трајаноска Ивановска.

Инициран во 1961 година од страна на Меѓународниот театарски институт, Светскиот ден на театарот се одбележува насекаде низ светот со различни национални и меѓународни театарски настани. (МИА)

To top