понеделник, 20. мај 2019. Вести денес: 58
home Култура

Српското книжевно списание „Eckermann” објави поетски избор на Томислав Османли

Српското книжевно списание „Eckermann” објави поетски избор на Томислав Османли

Под заедничкиот наслов „Mediterranica“, најновиот, 21-ви број на престижното српско литературно списание „Eckermann” објави избор од неколку песни на македонскиот писател Томислав Османли.

Станува збор за песните „Љубов“, „Престолнина“, „Лето ’74“, „Каде живееш“. Овој поетски избор од нашиот автор, познат како прозаист, доаѓа по покана од уредникот за поезија на спомнатото списание, врз основа на песната „Љубов“ (L`Amore) за која Османли минатата година, како нејзин прв лаурат, беше прогласен за добитник на Првата награда „Антево слово“ на меѓународниот поетски конкурс „Angelo La Vecchia” во Италија.

Објавата на четирите поетски творби под заедничкиот наслов „Mediterranica“ е проследена и со концизна творечка биографија на Османли. Песните кои „Eckermann” ги објави во својот број од мај-јули, на српски ги преведе самиот автор.

Имено, „Eckermann” е престижно регионално книжевно списание што излегува на српски јазик и електронски се публикува во шест броеви годишно. Покренато во 2006-та како месечник со по четири интервјуа со истакнати творци, списанието е именувано според Јохан Петер Екерман (1792-1854) авторот на знаменитата книга „Разговори со Гете“, првото дело со книжевни разговори. Од пред четири години „Eckermann”  е обновен како „Web списание за литература“ и сега објавува рубрицирани содржини од домените на прозата, есеистиката, критиката, драмата и теми од книжевноста. Овие содржини ги реализираат неколкумина уредници, и состав од дваесетина редакциски соработници. „Eckermann“ се пројавува како едно од најсериозните книжевни гласила во регионот.

Ова е втора објава на нашиот автор во престижното електронско списание. Пред половина година Томислав Османли во „Eckermann“ го објави расказот „Вертикалата на Душко Крстев“, се наведува во соопштението од авторот. (МИА)