вторник, 13. ноември 2018. Вести денес: 118
home Култура

Соло концерт „Магична барокна вечер“ на Наташа Диденко

Соло концерт „Магична барокна вечер“ на Наташа Диденко

Виолинистката Наташа Диденко вечер ќе одржи соло концерт „Магична барокна вечер“ во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.

На програмата се музички композиции на германскиот композитор од доцниот барок, Георг Филип Телеман (1681-1767). Тој се смета за еден од најплодните композитори во историјата, а според неговите современици е еден од водечките германски композитори. Споредуван е со неговиот пријател Јохан Себастијан Бах. Неговата музика вклучува неколку национални стилови (француски, италијански, германски), а понекогаш е под влијание на полската популарна музика. Неговите дела се важна врска меѓу доцните барокни и раните класични стилови. На концертот ќе бидат исполнети „Четири сонати за соло виолина“.

Наташа Диденко е родена во 1988 година во Скопје.  Основното и средното музичко образование ги завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Во 2010 година ги завршила студиите на Факултетот за музичка уметност- Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во класата на проф. Ганка Самоилова. Во 2011 година ги завршила постдипломските студии на истиот факултет, а во 2017 година докторските студии на Институтот за национална историја во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и се стекнала со звање доктор по хуманистички науки – културна историја. Како резултат на нејзината научноистражувачка работа има објавено монографија, статии и учествувала на повеќе домашни и меѓународни научни собири и конференции.

Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Има одржано концерти во Берлин, Бремен, Париз, Марсел, Сете и низ повеќе градови во Македонија.

Наташа Диденко е професор по виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“- Скопје. Нејзини ученици се добитници на бројни награди на домашни и меѓународни натпревари.

МИА