недела, 21. април 2019. Вести денес: 0
home Култура

Сликарската династија Стадим со изложба во НЛБ Галерија

Сликарската династија Стадим со изложба во НЛБ Галерија

На 12 Април 2019 година со почеток од 19 часот во НЛБ Галерија (ул.Мајка Тереза 1, Скопје), ќе биде отворена изложбата на сликарската династија Стадим.

Ретка е можноста на една заедничка изложба преку говорот на сликата да се запознаеме со семејство во кое уметноста е живот. Семејството Димитрови е уникатно бидејќи не само што легендарниот македонски сликар Стадим, неговата сопруга Оља, синот Димитар и внуците Маја и Максим се ликовни уметници, туку истите им се добро познати на домашните и меѓународните љубители на ликовната уметност.

„Стадим – Ставре Димитров (1941), во седумдесеттите години на минатиот век ја завршува ликовната академија во Ташкент и како многу други уметници од тогашниот Советски Сојуз во своето сликарство ја застапува познатата руска школа на реализмот. Токму оваа ликовна школа му овозможува да изгради посебен пристап кон портретот, во кој ја доловува психологијата на личноста која ја портретира, па не случајно тој е автор на портретите на Архиепископите и Владиците на Македонската православна црква, поставени во нејзините службени простории, а воедно е и автор на портрети на бројни личности врзани за историјата на македонскиот народ, како и многу други. Паралелно со портретите работи и на сите други жанрови во сите сликарски техники. За да се наслика пејсаж уметникот мора да ја сака природата, внатрешно да ја доживува, за да може успешно да го постигне магичниот сјај помеѓу сонот и јавето, а семејството Димитрови вешто го става преточува на платно, па така пејсажот станува и нивна тематска преокупација.

Мајсторството на дедото се пренесува и кај другите, но посебно кај внуката Маја Димитрова (1989), која сигурно чекори во уметноста одбирајќи го пејсажот за своја тематска преокупација. Нејзините пејсажи се силни, робусни со јасна оркестација на боите насликани на пладневно сонце или на зајдисонце кога светлината доаѓа до полн сјај. Маја Димитрова дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и е чест учесник на ликовните колонии во земјата и странство.

Олга Димитрова – Оља (1946), живее во Скопје од 1975 година кога и завршува на ликовната академија во Ташкент. Нејзина љубов и ориентација е акварелот, кој виртуозно го владее, како техника е еден лиризам во изразот. Акварелите на Оља се поставени на прецизен класичен цртеж, при што при напластените пластови на боја поставени хармонично со голем осет успева акварелот да го направи проѕирен и кристално чист.

Димитар Димитров – Мичо (1973) – синот, се определува за надреализмот и портрети на современици. Надреалистичкото чувство тој го постигнува со промената на функцијата на предметите поставени во просторот градејќи ја сопствената магија која плени од сликата. Честопати во неговите слики е присутно размислувањето на авторот за проблемите на современиот човек оттргнат од основните човекови вредности.

Внукот Максим Димитров (1989), како своја тематска преокупација се одредува кон портретот и природата. Портретите на Максим дали се работени во молив, акварел или во масло се движат од реализам до карикатура, што јасно говори дека овој млад сликар кој дипломирал на факултетот за ликовни уметности во Скопје има чувство да ги воочи карактеристичните црти на личноста која ја портретира.

Несомнено се работи за едно навистина креативно семејство, кое својата креативност ја гради на интерактивноста во која секој учи од другиот без разлика на годините.“ – Климе Коробар

Изложбата ќе биде поставена во НЛБ Галерија се до 30.04.2019 година и ќе биде отворена секој работен ден од 8 до 18 часот и сабота од 8 до 16 часот.