вторник, 22. октомври 2019. Вести денес: 0
home Култура

Скопска премиера на „Несоодветно за на работа“ на МОТ

Скопска премиера на „Несоодветно за на работа“ на МОТ

По премиерата на „Охридско лето“ во јули, Драмски театар вечер од 20 часот на матичната сцена ќе ја изведе новата претстава „Несоодветно за на работа“ („Not Safe for Work“) според текстот на  Луси Кирквуд и во режија на Доналд Ворен Мофет. Скопската премиера на претставата е дел од програмата на претпоследниот ден на 44. Млад отворен театар.

Драмата се занимава со темата демонстрација на моќ која е поврзана со проблемите околу родовите и со објективизација на женското тело. Тоа се две доминантни линии во драмскиот текст на  Луси Кирквуд, која е претставник на  бранот млади драматурзи од Велика Британија кои се поврзуваат со феминизмот.

-Кирквуд ни дава јасна слика за симптомите на едно метастазирано општество, прикажувајќи ја немилосрдната експлоатација, која почнува, завршува или се прекршува врз женското тело. И самите жени често се покорни и/или амбициозни соучеснички во борбата, чија единствена цел е победа врз послабите и профит по секоја цена и во која единствената сатисфакција произлегува од продолжувањето на патријархално-капиталистичкиот тренд на концентрација и задржување на (парите) моќта и искачувањето по корпоративната вертикала, наведува МОТ во најавата.

Во актерската екипа се: Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Зоран Љутков, Дамјан Цветановски и Стефан Вуисиќ. Сценограф е Константин Трпеновски, а костимограф Александар Ношпал.

Во придружната програма на МОТ од 22 часот во МКЦ ќе настапи британскиот бенд  „The Tiger Lillies“  со нивниот нов албум. Формирани се во 1989 и се меѓу  најуникатнте и провокативни бендови, чија музика е мешавина од предвоено берлинско кабаре, анархична опера и ромска музика.

Песните на бендот ги покриваат сите темни аспекти на животот – од проституција и зависност од дрога до насилство и очај, секогаш со црн хумор и остра иронија. (МИА)