Со цел да го оцрни значењето на Музејот на македонска борба, СДСМ често преку своите претставници во јавноста говори за недоволните приходи кои истиот ги остварува.
Со ова се отвора прашањето дали партијата на власт цели кон подготвување терен да стави клуч на врата на Музејот на ВМРО?
Музејот на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на Внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим е проект на Владата на Република Македонија која беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Ова, очигледно, е единствената причина поради која актуелната власт го вперува прстот токму кон овој музеј.
КУРИР направи истражување кое покажа поразителни резултати за културата во Македонија. Речиси да не постои музеј кој работи со добивка.
Се продаваат мал број на билети, а бројот на посетители е минимален во скопските музеи и музеите ширум Македонија.
Со цел на јавноста да ги пласираме конкретните податоци, КУРИР побара одговори од Природно-научниот музеј на Македонија, Музејот во Битола и Музејот на Македонија лоциран во Старата скопска чаршија. Од ниту една од овие институции, од петокот до денес, не добивме одговор.
Прашањата кои до нив ги испративме се „Колку посетители имале изминатава година и колкав приход од билетите имаат остварено самите музеи?“
Иако од сите музеи добивме само молк, сликата на терен е сосема јасна. Ако се гледаат само остварените комерцијални приходи, за да се оцени исплатливоста на нивната работа, по логиката на СДСМ, треба да бидат затворени сите од нив и Македонија да остане без музеи.
Најмногу посетители, иако недоволно да ги покријат сите трошоци, се Музејот на ВМРО и Археолошкиот музеј во Скопје. Двата изградени од претходната влада.
Самиот музеј на ВМРО се состои од тринаесет хронолошки подредени одделенија и секое од нив ја претставува историјата на македонскиот народ од повеќе периоди.
Музејската презентација е реализирана на интерактивен начин преку комбинирање на многу различни форми. Прегледот на историските настани, процеси, личности од 19 и 20 век, се надополнува со автентичната колекција на 2.749 музејски предмети – оружје, документи, фотографии, мапи, медали, весници, документарен материјал, помошни материјали – восочни фигури (153), масовни сцени и портрети (109), како и амбиентални диорами збогатени со аудио-визуелни ефекти. Музејските фондови постојано се збогатуваа и преку донации или откуп.
По доаѓањето на СДСМ на власт, во секторот култура како прв човек беше ставен Роберт Алаѓозовски. Еден од првите “проекти“ со кои се пофали беше ставање на музејот на ВМРО во анализа на работната група која вршеше ревизија на проектот „Скопје 2014“.
Дури и Специјалното јавно обвинителство се “фати“ за оваа градба, па отвори посебна истрага за него.
Во обид да докажат било каков незаконски акт, мала посетеност, недоволна заработка или потреба за затворање, власта на СДСМ треба да размисли дали е подготвена истото да го направи со сите музеи, свесна дека поради поразителните финансиски извештаи, ќе треба на сите да им го стави крајот.