понеделник, 20. јануари 2020. Вести денес: 6
home Култура

Рисимкин во интернационално жири за млади кореографи во Линц

Рисимкин во интернационално жири за млади кореографи во Линц

Кореографката Рисима Рисимкин, редовен професор на Катедрата за современ танц на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, ќе биде член на интернационалното жири за конкурс за млади кореографи што го организира универзитетот „Антон Брукнер“ од Линц.

Универзитетите „Антон Брукнер“ и „Гоце Делчев“ се дел од неформалната мрежа на европски универзитети и академии за танц и заедно го организираат фестивалот „Share“ кој во 2018 година се одржа на фестивалот „Танц фест“, а домаќин беше Штипскиот универзитет и Катедрата за современ танц.

– Универзитетот „Гоце Делчев“ активно работи на интернационализација на уметничките програми и во моментов е единствен универзитет кај нас на кој може да се школуваат младите во областа на совремeниот танц, како современи танчари во делот на уметничкиот танц, изјави Рисимкин.

На универзитетот „Антон Брукнер“ во Линц таа ќе одржи и предавања за кореографија за студентите на магистерски студии. Предвидено е и да договори натамошни соработки со универзитетот „Антон Брукнер“, заеднички продукции и презентации на двата универзитета, како и размена на професори и студенти.