среда, 24. април 2019. Вести денес: 43
home Култура

Реалистичните дела на сликарката Лена Ѓуриќ

Реалистичните дела на сликарката Лена Ѓуриќ

Пензионерските денови можат да бидат исполнети и со работа и дружба. Ова го докажа сликарката Лена Ѓуриќ, која пријателите ја нарекуваат Лена Бела. Со сликарството вели дека се занимава аматерски, но посетеноста на нејзините изложби во источниот регион не го покажува тоа. Публиката од помалите места, каде што со години немало културен настан или изложба, е жедна да ги види делата на уметниците. Нејзините дела се реалистични, на платното доминираат пејзажи, луѓе, животински свет, природа.

Непосредна и комуникативна, па разговорот за нејзиниот живот и творештво ни тече во еден здив во кој говори за своите први чекори во сликарството, а талентот е наследен од нејзиниот татко, кој цртал на стакло.

-Триесет години со сопругот живеевме во Париз, а пред точно 12 години се вративме во Македонија. Тогаш почнав и интензивно да сликам, бидејќи во пензионерските денови морав да се окупирам со нешто и да си го исполнам времето. Но, пред да почнам да сликам работев со сликарот Тодор Максимов. Работев три – четири месеци, секој ден интензивно по три – четири часа, така што од него научив многу работи. Јас не сум завршила академија, туку сум самоука, вели Ѓуриќ.

Пренесувањето на чувствата, на убавините што ги видела со помош на четкичката и боите на платното ја исполнуваат, а како што вели, на тој начин го убива и времето, доколку нешто не работиш, во тој случај времето ќе те убие.

-Инспирацијата за моите дела ја црпам од секаде кога ќе излезам некаде, а бидејќи и често патувам, секогаш нешто ќе видам, што ми остава впечаток, а потоа кога ќе си дојдам дома го пренесувам на платно. Имам многу слики и не би знаела да кажам колку, бидејќи моите слики јас не ги продавам, туку еве ги презентирам на изложби и нормално за подароци на пријателите. Обожавам природа, има и доста портрети, обожавам да сликам коњи, а еве и галскиот петел, кој е симболот на Франција, рече Ѓуриќ.

Токму заради убавината на галскиот петел на Лена, која го доловила на платното, нејзиното дело се смести и во најголемата приватна збирка на дела во туристичкиот комплекс „Аурора“ во Берово. Лена забележува дека по изложбата сопственикот на „Аурора“ бил воодушевен од ова нејзино дело, па така сега е дел од, како што вели, над 700 уметнички дела што го красат овој комплекс.

-Навистина ми е голема чест што и моето дело е дел од оваа збирка и е заедно со сликите на големите македонски сликари, како што е еден Мазев. Уметничко дело му е цела „Аурора“, ретки се луѓето во Македонија коишто така ја сакаат уметноста, вели Ѓуриќ.

Изложбите на Лена Бела

Ведра, полна со енергија, едноставно оваа дама има неверојатен дух. Токму таа енергија ја води да биде дел од секој културен настан во Штип, но и таа да ги организира и да ѝ покаже што работи на публиката. Нејзините дела во изминатите две години се видени во Скопје, Битола, Струмица, Радовиш, Штип, Делчево, а нејзините слики сега се во салонот на Домот на културата во Пехчево.

-Цели дванаесет години во нашиот град немало изложба на некој од нашите сликари. Ние упативме покана до Лена, но немавме некоја посебно голема надеж дека нашата покана ќе биде прифатена зашто во Пехчево таа недела температурата беше минус 14 степени. Сепак, од уметничката добивме потврден одговор, а дека нашите сограѓани сакаат уметност се покажа на отворањето на изложбата, но и во наредните денови кога посетеноста беше многу голема, вели Ана-Марија Теохарова, директорка на оваа културна установа.

Претходно Лена изложуваше во соседно Делчево, а по Пехчево, по барање на Културно-информативниот центар „Романса“, изложбата ќе биде пренесена и во рударскиот град Македонска Каменица.

-За да го заокружам циклусот на изложби во сите градови во мојот регион ми остануваат уште Кочани и Пробиштип, и од двата града имам отворени покани, но во Кочани во тек е реконструкцијата на Домот на културата, а во Пробиштип планирам изложба идниот месец. Во сите места досега, од Штип, преку Свети Николе, Делчево, Виница, Берово на туристичкиот бисер „Аурора“, до Радовиш и Струмица, организацијата на изложбите беше речиси перфектна. За мене е најважно што во сите градови имаше бројна публика, што за мене е знак дека нашиот народ ги сака културата и уметноста. А тоа е знак дека нашите уметници, од која било област да се, треба да се потрудат да се претстават во сите наши места, зашто луѓето сакаат такви настани, рече Ѓуриќ.

Лена упатува порака до локалните власти да организираат колку што е можно повеќе културни настани, бидејќи во внатрешноста тие се ретки, а како што вели таа, публиката бара да види што работат уметниците, да отиде на концерт, изложба и претстава. Едноставно малите места се жедни за уметност, бидејќи настаните им се случуваат на секои три или пет месеци.(МИА)