петок, 20. април 2018. Вести денес: 160
home Култура

Промовирана книгата „Македонија во географијата на ал-Идриси“

Промовирана книгата „Македонија во географијата на ал-Идриси“

Пред голем број присутни, пред се историчари, географи и јавни личности денес во „Порта Македонија“ во Скопје е промовирана книгата “Македонија во Географијата на Ал-Идриси” од Доц. д-р Зеќир Рамчиловиќ.

Модераторот на промоцијата Проф. д-р Лидија Ѓурковска направи краток вовед за делото, но и за научната работа на авторот на книгата. Промотори на книгата беа Проф. д-р Благоја Маркоски и Академик проф. д-р Драги Ѓоргиев.

-Авторот на книгата го обработува делото Географија, многу креативно и методолошки исправно потребно за вакви дела, географски и историски со што и стручниот дел од јавноста и воопшто пошироката јавност ќе може да го користи делото кое што е прв ваков труд кој ја потполнува празнината за континуитетот на Македонија низ призмата на арапската научна мисла, истакна Проф. д-р Марковски.

-Оваа книга под наслов: Македонија во „Географијата“ на ал-Идриси на јавноста ја нуди првата македонска анализа на овој арапски географ. Информациите што тој ги црпи за Македонија од книгата на ал-Идриси имаат посебно значење затоа што поголем дел од опишаните населени места во тој период не се среќаваат ниту во византиските, ниту во латинските извори. Притоа, тој називите и описите на тие места ги споредува со подоцнежните извори од различна провениенција, обидувајќи се да открие континуитет во постоењето на тие места, но исто така и да открие недоследности во изворите, нагласи Проф. д-р Драги Ѓоргиев.

На крајот од промоцијата авторот, Доц. д-р Зеќир Рамчиловиќ им се заблагодари на присутните и сите оние кои придонеле да оваа книга стане достапна до јавноста.

-Оваа книга е резултат на двегодишно истражување и работа на преписот на делото на Идриси од 1556 г., а потоа и на останатите сочувани преписи, и претставува одбранет магистерски труд на Софискиот универзитет под менторство на еден од најдобрите ориенталисти Проф. д-р Стојанка Кендерова, на која оваа прилика и изразувам голема благодарност, нагласи Рамчиловиќ.

Тој додаде дека бил изненаден кога се запознал со овој целосен препис од тоа што никој досега не го обработил ова дело кое е од исклучително значење за континуитетот на Македонија.

-Не постои ниту едно друго име на денешен регион или држава на Балканот кое што за тогашниот најзначаен географ Идриси, а со тоа и за арапската и исламската наука кои се негувале во тогашната повеќевековна водечка светска сила, освен Македонија, само Македонија. Не можев да одолеам на предизвикот да не го обработам овој труд кој е само потврда и опомена за сите нас, особено за оние кои носат одлуки дека никој нема право да го менува, да му додава или одзема нешто на нашето име Македонија, истакна тој.

Издавачи на книгата се Институт за национална историја и Здружението “Диван”. Модератор на промоцијата беше Проф. д-р Лидија Ѓурковска.

Доц. д-р Зеќир Рамчиловиќ е научник и истражувач кој покрај ориенталистика, се занимава со периодот помеѓу двете светски војни во Македонија, како и со процесите врзани за Бошњаците во минатот и денес. Автор е на повеќе научни трудови, како и на книгите: Бошњаците во Македонија во текот на XX век, Познати Бошњаци од Македонија и Петровец – вчера, денес, утре.