петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 128
home Култура

Промоција на новиот роман на Винка Саздова

Промоција на новиот роман на Винка Саздова

Издавачкиот центар „Три“ вечер ќе го промовира петтиот роман на писателката Винка Саздова, насловен „Вилино“ кој, како што соопшти, е современ психолошки роман за повикот на слободата и стравот од неа и за доброволното ропство во „сигурните“ брачни води.

– Централното прашање што се поставува е: каде исчезнува онаа вселенска љубов откако ќе се оформи семејството? Видан – Огнена – Тони: семеен триаголник на двајца отуѓени сопружници и нивниот син. Потресна приказна за тоа како најблиските што се сакале влегуваат во магичниот круг на повредување на другиот. Романот е полн со источни мудрости и мистична филозофија, со извонредни ликови и симболика. И роман терапија: ведриот женски лик на Вили од идиличното Вилино, спротивставено на градот како дувло на страстите, соопшти „Три“ за новата книга на Винка Саздова која во 19 часот во локалот „Сиеста“ во центарот на Скопје ќе ја промовира писателот Венко Андоновски.

Винка Саздова досега ги има објавено „Последниот чај“ (2009), „Полиња со диви нарциси“ (2011), „Понекогаш доаѓа среќа“ (2013) и „Луна“ (2015). „Последниот чај“ е преведен на српски, хрватски и бугарски јазик. Двапати е прогласена за Најчитан автор – во 2012 година од НУБ „Св. Климент Охридски“, а во 2014 година од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Коронавирус