понеделник, 22. април 2019. Вести денес: 42
home Култура

Промоција на Монографијата „30 години Поетска ноќ во Велестово“

Промоција на Монографијата „30 години Поетска ноќ во Велестово“

Монографија „30 години Поетска ноќ во Велестово“ ќе биде промовирана денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, во рамките на годинашниве „Прличеви беседи“.

Настанот е во организација на Општина Охрид, а изданието ќе го промовира проф. д-р. Димитар Пандев. Монографијата е во издание на организаторите на манифестацијата и ПНВ Публикации – Скопје, а ја подготви Славе Ѓорѓо Димоски. Покрај текстуалниот дел книгата е богато илустрирана со фотографии кои хронолошки го претставуваат нејзиниот развој во изминатите три децении.

Манифестацијата претставува антологиски пресек на македонската поезија и сликарство. Во изминатите 30 години на Поетската ноќ во Велестово  беа претставени најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои: Јован Котески, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Богомил Ѓузел, Раде Силјан, Веле Смилевски, Ристо Василевски… до најмладите. Меѓу  сликарите учесници беа: Вангел Наумовски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски,Газнафер Бајрам, Владимир Георгиевски, Боро Митриќески, Коле Манев, Сергеј Андреевски, Славко Упевче, Јордан Манасиевски, Стефан Хаџи-Николов, Емил Шулајкоски…

Во монографијата е опфатен антологиски избор со по една песна од досегашните пртеставени автори, а изборот и пригодниот текст го направи Санде Стојчевски.

Со оглед дека манифестацијата има и меѓународен карактер, претставен е и избор на досегашните поети-странци кои биле учесници, а доаѓале од: Ирска,  Норвешка, Русија, Италија, Албанија, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Естонија, Словачка…

Во своето постоење манифестацијата две свои јубилејни изданија (на 25-тиот и на 30-годишниот јубилеј) посвети на поновата македонска поезија и по тој повод објави книга, а во монографијата се претставени сите со избор од нивната поезија. (МИА)