вторник, 13. ноември 2018. Вести денес: 118
home Култура

Промоција на „Хрониките на Арслан Новинарски“ во МКЦ

Промоција на „Хрониките на Арслан Новинарски“ во МКЦ

Книгата „Хрониките на Арслан Новинарски“ од Иван Шопов, издание на „Темплум“, ќе биде промовирана вечер од 20 часот во Младинскиот културен центар. Tекстовите застапени во книгата се објавени во периодот 2012-2018 на интернет-порталот Окно, во рубриката Пара вести.

– „Хрониките на Арслан Новинарски“ е духовит сеизмограф на нашето време. Овие текстови во годините што следуваат ќе можат да се читаат како еден вид исчашена алтернативна историја на она што ни се случуваше во изминатите десетина години. Алтернативна историја, која додека ја читаме ќе нѐ засмејува, но често во таа насмевка ќе има и горчлива нишка. Ама таква беше и нашата стварност, пишува Владимир Јанковски во рецензијата за книгата, која ќе ја претстави Ѕвездан Георгиевски, а извадоци ќе чита Ѓоко Здравески.

Иван Шопов (Скопје, 1987) дипломирал Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. „Хрониките на Арслан Новинарски“ е негова четврта книга. Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012) и збирката раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2017). Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и на бугарски јазик. 

МИА