среда, 22. мај 2019. Вести денес: 4
home Култура

Промоција на „Џиновска продавница за фантазии” од Бистра Георгиева

Промоција на „Џиновска продавница за фантазии” од Бистра Георгиева

Во книжарницата „Литература.мк“ вечер од 19 часот ќе биде промовирана книгата „Џиновска продавница за фантазии” од Бистра Георгиева, со илустрации од Моника Каретеро од Шпанија.

-Книгата ја претставува детската фантазија, сосема поинаква од онаа на возрасните: безгранична, нелогична, разиграна, смешна и максимално креативна. Главниот протагонист е Џинот, кој имал безброј фантазии, па решил да отвори продавница за фантазии, за да може секој да ги купи оние што му недостигаат. Оваа сликовница се разликува од останатите по својот џиновски формат, соопшти издавачот „Либи“ – дел од „Арс Ламина – публикации“.

Бистра Георгиева е дипломиран социолог, магистер по комуникации и има завршено филмски колеџ во Данска. Својата професионална кариера ја почна како волонтер во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, а потоа работела на неколку филмски проекти. Шест години беше дел од невладината организација „ОХО“, со ангажман на проектот „Пет плус“. Има напишано и сценарио за цртаниот филм „Едно поинакво пријателство“.

„Џиновска продавница за фантазии“ е нејзина втора книга за деца, по сликовницата „Ото, Ото и Ото“, исто така работена во соработка со шпанската илустраторка Моника Каретеро, која има издадено повеќе од 70 книги во Шпанија, Англија, Австалија и САД.

Книгата  вечер ќе ја промовира уредничката на изданието, Билјана С. Црвенковска.