сабота, 25. септември 2021. Вести денес: 92
home Култура

Проекција на концертот на Јосипа Лисац во Кинотека

Проекција на концертот на Јосипа Лисац во Кинотека

На летната сцена „Мирно лето“ во Кинотека на Република Северна Македонија вечер ќе се одржи проекција на концертот „Јосипа Лисац from Croatia Records Studio“ – „…ту у мојој души станујеш…“. Со овој концерт, продолжува циклусот „Концерти во Кинотека со Croatia Records“, кои оваа установа ги реализира во соработка со најголемата дискографска куќа во регионот, „Croatia Records“.

На концертот во студио, без публика, Јосипа испеа 12 песни – од култната „Богиња“, до легендарната „Магла“, вклучувајќи ги и: „О једној младости“, „Док размишљам о нама“, „Данас сам луда“, Хир, хир, хир“, Гдје Дунав љуби небо“…Времетраењето на концертот е 84:55 минути.

И овој концерт големата дива му го посвети на нејзиниот легендарен сопруг Карло Метикош.
Концертот беше реализиран во студиото на „Croatia Records“ во Загреб на 30 октомври 2018 година, во придружба на музичарите: Тони Старешиниќ (клавијатури), Борна Шерцар (тапани), Давор Чрнигој (бас гитара) и Јосип Грах (труба и хармоника).

– Јосипа Лисац е сонувач кој сонува со очи ширум отворени, и е непоправлив идеалист и визионер. Со нејзиниот волшебен глас, таа е рамо до рамо со светските музички великани Едит Пјаф и Фреди Меркјури…, пишува во белешката за концертот. Разговорот со Јосипа го водеше Милан Мајеровиќ Стилиновиќ.

Кинотека ја стартуваше програмата на 1 јули со концертот на Влатко Стефановски во Лисински, а секој следен четврток во седмиот месец тековната година, ќе биде прикажан по еден концерт од богатата BLU RAY програма на дискографскиот гигант, кои, според сензибилитетот одговараат на местото и на времето.

Посетителите на овој настан ќе имаат прилика да се запознаат и со најновите изданија на „Croatia Records“, на штандот на „Zec Electronic“, дистрибутер за нашата држава.

Од Кинотека информираат дека следниот четврток, на 15-ти јули, во рамки на циклусот ќе биде емитуван концертот на Раде Шербеџија и бендот „Западни колодвор“ во ХНК – „Хрватско нардодно казалиште“.

Коронавирус