вторник, 22. мај 2018. Вести денес: 0
home Култура

Почнуваат 46. Мајски оперски вечери

Почнуваат 46. Мајски оперски вечери

Со премиера на операта „Боеми“ од Џакомо Пучини во режија на Дејан Прошев, вечер во Македонската опера и балет ќе почнат 46. Мајски оперски вечери. Свечено ќе бидат отворени со палење на фестивалскиот оган на платото пред МОБ, по што ќе следува новата постановка на популарната опера на Пучини.

Фестивалот годинава е во знакот на 160-годишнината од раѓањето на италијанскиот композитор (1858-1924) и со мото „Го славиме Пучини“, а во програмата се уште две негови опери „Тоска“ на 12 мај и „Турандот“ на 19 мај. Ќе има и гала оперски концерт „Пучини и Росини“ (23 мај) со кој водено ќе бидат одбележани и 150 години од смртта на Џоакино Росини.

„Боеми“ – приказна за љубовниците Родолфо и Мими во Париз, кои ги играат тенорот Ѓорѓи Цуцковски и сопранистката Благица Поп Томова, во Македонската опера и балет ќе биде изведена по пауза од 11 години, Новата премиера го следи либретото, има четири чина со една пауза. Во екипата покрај Цуцковски се уште двајца солисти кои учествувале и во „Боеми“ на режисерот на Стојан Стојанов-Ганчев од 2007-ма – Горан Начевски (Марчело) и Ристе Велков (Шонар). Настапува хорот и оркестарот на МОБ под водство на италијанскиот диригент Џанлука Мартиненги. Сценограф на претставата е Зоран Николовски, а костимограф Марија Пупучевска.

На програмата на Мајските оперски вечери покрај „Боеми“, „Тоска“ и „Турандот“ се уште две оперски претстави – „Змеј од Босна“ на Националната опера на Босна и Херцеговина (22 мај) и Веридевата „Аида“ со која традиционално на 31 мај се затвора фестивалот.

Како вовед во 70-годишнината од основањето на Балетот на МОБ, што ќе биде одбележано во следната сезона 2018/2019, на 46. Мајски оперски вечери ќе има балетски концерт „Балетски бисери“ (15 мај) кој ќе ги опфати најубавите балетски дела со учество на солисти-првенци,  балетскиот ансамбл и гости од Србија, Хрватска и Бугарија. Истата вечер по повод основањето на Балетот на МОБ ќе биде отворена и изложба „Почетоци“ посветена на првите генерации балетски уметници во Македонија.

Во придружната програма се уште две изложби – #retrOpera – со која МОБ се придружува на европската иницијатива Европски оперски денови, и ретроспективната изложба на дела од долгогодишната кариера на Васе Урдин.

Во оф-програмата е и промоција на монографија за оперската примадона Зина Креља – првенка и една од основоположниците на МОБ, потоа Вечер со Аки Нуредини – „До ре ми фа Соле“, а на последниот ден од фестивалот ќе бидат одбележани и 100 години од раѓањето на оперската певица Данка Фирфова, која припаѓа на првите драмски сопрани во Македонија.

МИА