петок, 15. октомври 2021. Вести денес: 134
home Култура

Почнува фестивалот „Џифони Македонија“

Почнува фестивалот „Џифони Македонија“

Основци и средношколци од земјава и од странство од денеска до 12 октомври по деветти пат ќе имаат можност да учествуваат на разни филмски проекции, дискусии и креативни работилници што ќе се одржуваат во рамките на Филмскиот фестивал за деца „Џифони Македонија“.

Фестивалот ќе се одржи во просториите на Кинотека и Младинскиот културен центар во Скопје.

За разлика од претходната, оваа година учеството на фестивалот делумно ќе се одвива со физичко присуство, а делумно онлајн. Физички ќе присуствуваат околу 180 ученици од основните и средни училишта.

Ученици од странство ќе се приклучат преку видеоконекција.

Фестивалот ќе биде отворен во 18 часот во киното Фросина со проекција на италијанскиот филм „Стаклено момче“.

Сите групи ученици ќе бидат вклучени во работилници по нивен интерес – за танс, театар, музика, ликовна, новинарска работилница, како и за програмирање во scratch.

Секое дете-учесник во својата категорија ќе гледа по четири филмови, после кои следува дискусија за истите.

Исто така, од оваа година „Џифони Македонија“ воведува и т.н. хабови од пет града во државата од каде на програмата ќе се приклучат 50 средношколци

Тие ќе ги следат филмовите онлајн и ќе учествуваат на работилници на фестивалот.

Најактивните џифонци ќе добијат награда да патуваат во Џифони на италијанското издание на фестивалот во 2022.

Директорот на фестивалот Дарко Башески на вчерашната прес-конференција по повод отворањето на фестивалот, најави дека на програмата ќе има 17 играни филмови, 28 кратки филмови во официјална селекција и програма ќе се одвива секој ден – проекција, па дискусија, па работилници.

Младите од другите градови ќе можат да се приклучат онлајн на фестивалот. Ќе има и програма „Џифони плус“, која е отворена за публиката бесплатно и фокусирана на односите на децата и родителите, инспирирана е од програма во Џифони, Италија.

Предвидени е богата филмска програма, креативни работилници, мастер класови, презентации, а дел од програма ќе биде достапна и за учесници од другите градови на земјава, кои не можат да бидат физички присутни во Скопје, а кои ќе се поврзат преку таканречени хабови, организирани во соработка со пет средни училишта низ земјава.

Покрај нив, ќе се вклучат уште 30 учесници од странство.

Фестивалот ќе биде затворен на 12 октомври со доделување на награди, а традиционално ќе биде прикажано сработеното.

Поддржан е од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Коронавирус