вторник, 13. ноември 2018. Вести денес: 1
home Култура

Почна Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“

Почна Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“

Во Струмица синоќа беше отворено 26. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.

Први пред публиката настапија актерите од театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Клетници“ од Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски.

Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

– Се надевам дека фестивалот и годинава, како и во своите претходни 25 изданија, ќе го потврди своето реноме, како една од најрепрезентативните меѓународни културни манифестации во нашиот град, благодарение на кои Струмица, беше и останува еден од највлијателните културни центри во Македонија, истакна градоначалникот Јаневски.

До среда ќе бидат одиграни десет претстави од Македонија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Словенија со учество на педесетина актери, кои ќе се докажуваат со својата актерска игра за единствената награда за високо актерско остварување „Ристо Шишков“. Наградата се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фетивалот-актерот Ристо Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра.

Фестивалската жири комисија ќе ја предводи ланската лауератка, српската актерка Тања Бошковиќ.

– Би сакала секој фестивал да има толку награди колку што има учесници. Денес е голем подвиг да се направи уметничко дело. Тоа е контра на сето тоа што е случува во животот. Да се занимавате со уметност тоа е возвишена работа и затоа треба да се наградат луѓето кои се занимаваат со тоа, бидејќи целиот живот го посветуваат на тоа, рече претседателката на жири комисијата, Тања Бошковиќ.

Во рамките на Фестивалот се одржува и осмото издание на камерна драма НЕТА (Нова европска театарска акција).

Фестивалот е финансиски помогнат од Министерството за култура и општина Струмица.

МИА