сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 44
home Култура

Пијанистката Ана Велиновска гостуваше на 100-годишниот јубилеј на најпознатиот фестивал за современа музика

Пијанистката Ана Велиновска гостуваше на 100-годишниот јубилеј на најпознатиот фестивал за современа музика

Пијанистката Ана Велиновска гостуваше на  фестивалот Денови на музиката во Донауешинген во Германија – најстариот и најпознатиот фестивал за современа музика во светот кој годинава одбележа 100-годишен јубилеј.

На јубилејното издание на фестивалот беа поканети најзвучните композиторски имиња и изведувачите на нивните дела, како и музиколози, истражувачи и професори од најреномираните универзитети за музички уметности во светски рамки.

Пред гостувањето на фестивалот во Германија, Велиновска настапи на неколку концерти и фестивали во Швајцарија, меѓу кои и на фестивалот Звуци на Алипите во срцето на швајцарските Алпи, како и на фестивалот Анаморфози, каде настапи како пијанист-солист и дел од квартет со нејзини колеги од Швајцарија, Колумбија и Јапонија. Во септември, таа гостуваше и на еден од водечките фестивали за класична музика во светот, Луцерн Фестивал, со швајцарска премиера на дело од англиската композиторка Ребека Саундерс. Истата недела кога дебитираше на Луцерн Фестивалот, Велиновска настапи и на други два концерта во Швајцарија, кои се одржаа истовремено, но во две различни концертни сали – во едната концертна сала настапи пред публиката, а во другата сала нејзиниот настап се емитуваше во живо, на екран за публиката.

Во наредниот период, македонската пијанистка  интензивно ќе соработува со композитори од повеќе европски центри и ќе изведува дела од современата литература за пијано. Дел од концертните ангажмани на Ана Велиновска во Швајцарија и Германија, во наредниот период вклучуваат настапи на фестивали, концерти и концертни серијали. (МИА)

Коронавирус