недела, 24. јануари 2021. Вести денес: 57
home Култура

Отворена изложба на ликовниот уметник Дритан Боцку

Отворена изложба на ликовниот уметник Дритан Боцку

Во просториите на Националната установа Центар за култура во Дебар, отворена е самостојна изложба на познатиот дебарски ликовен уметник Дритан Боцку. Изложбата, која дебрани ќе може да ја посетат до 27-ми овој месец, ја отвори и присутните ги поздрави Зинче Мимидиноски, директор на Центарот.

-Чувствувам посебно задоволство што и покрај состојбата со пандемијата со Ковид-19, сите планирани културни активности од областа на ликовната дејност целосно ги заокружуваме со оваа денешна изложба. На неа се поставени 14 дела-диптиси и триптиси со мртва природа, портрети и апстракции, работени со масло на платно и акрил на платно. Исто така, поставени се уште 10 дела со слободна тематика, рече меѓу другото Мимидиноски.

Тој посебно зборуваше за добрата соработка што установата ја има со ликовинот уметник Боцку, кој е син на исто така познатиот ликовен уметник Сабит Боцку.

Дритан Боцку е роден во Дебар во 1980 година, а дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Тетово. Има одржано многу самостојни изложби, а учествувал и на заеднички изложби во Тетово, Гостивар, Скопје, Пешкопеа, Призрен и други градови во и надвор од државава.

И овој културен настан, кој финансиски е подржан од Министерството за култура, беше одржан со целосно почитување на мерките за заштита од Ковид-19 и пропишаните протоколи.

На почетокот на септември прва самостојна изложба имаше младиот уметник од Дебар Тахир Цноли, а на 22-ри истиот месец академскиот сликар Адем Сулејманоски од Ростуше.

Во рамки на активностите на Центарот за култура од меѓународна дејност, во средината на минатиот месец Сулејманоски и Боцку имаа заедничка изложба во Призрен, Косово.

Коронавирус