среда, 20. октомври 2021. Вести денес: 18
home Култура

Охридскиот народен театар со „Крик за љубов“ вечер на „Охридско лето“

Охридскиот народен театар со „Крик за љубов“ вечер на „Охридско лето“

Народниот театар од Охрид вечер ќе настапи на „Охридско лето“ со претставата „Крик за љубов“ – комедија на карактери и љубовна приказна со романтичен крај. Текстот обработува две доминантни теми – театарот и љубовта.

Режисерот на претставата Љупчо Ѓоргиевски појаснува дека во неа двајца актери, поранешни сопружници, се ангажирани во претстава да играат ликови на исто така двајца поранешни сопружници. Накратко, тоа е претстава за она што се случува пред претставата, односно за време на процесот на подготовка на една претстава, од распределбата на улогите, преку првата проба до пробата со костими и премиерата. Се прави прецизно скенирање на типичните ситуации и карактери во театарот, како што се: актерите, режисерот, продуцентот и другиот помошен персонал, во процесот на создавање на една претстава.

-Притоа се навлегува во суштината на феноменот наречен „театар“, т.е. колку театарот е живот, а колку, пак, животот е театар, постои ли граница помеѓу нив и како тие се испреплетуваат и прелеваат еден во друг. На крај, се разбира, доаѓаме до чудотворното дејство на театарот врз реалниот живот, вели режисерот.

Љупчо Ѓоргиевски (1956, Битола) од1990 работи како режисер – драматург во Народен театар – Битола, а од 2002 до 2006 година беше негов директор. Има режирано повеќе од 70 претстави во сите театри во земјава, а режирал и во Бугарија, Русија (Санкт Петербург и Казан) Турција, Романија, Косово… Поставува дела од светската класична и современа драма, како и македонската драма. Особен успех му донесоа поставките на т.н. македонска битова драма („Бегалака”, „Македонска крвава свадба” и „Парите се отепувачка”). Негови претстави учествувале на сите театарски фестивали во С. Македонија и на повеќе фестивали надвор од неа. Со свои претстави гостувал во Европа, Австралија, Канада и Америка. Ѓоргиески за својата работа е добитник и на повеќе награди и признанија.

Улогите во претставата „Крик за љубов“ ги толкуваат Адријана Тодороска, Никола Тодороски, Ивица Цонев, Горан Стојаноски.

Претставата ќе се игра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

Локални избори 2021