петок, 28. февруари 2020. Вести денес: 2
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Култура

Одлична промоција: Филмот „Медена земја“ го зголеми интересот за македонскиот мед

Одлична промоција: Филмот „Медена земја“ го зголеми интересот за македонскиот мед

Филмот „Медена земја“ направи добра реклама за македонскиот мед. Во него нашата земја е прикажана како чиста и незагадена, а медот кој потекнува од таква средина е најбаран и најскап. Филмот не само што го поттикна интересот за пчеларство туку и за консумирање на медот и пчелните производи како природен производ.

Менде Трајковски, пчелар од Битола, кој се занимава со органско пчеларење, за весникот ВЕЧЕР објаснува дека филмот направил добра реклама за македонскиот мед и оти побудило голем интерес за негова поголема консумација.

-Сè повеќе млади луѓе се заинтересирани да се занимаваат со пчеларство, а исто така се зголемува и интересот за органско пчеларење. Токму органското пчеларење е она кое го прикажува одгледувачката на пчели Атиџе во филмот. Кај овој вид пчеларење пчелите се чуваат во чисти и незагадени средини, на повисоки места кој што не се многу населени. Исто така, кај овој вид пчеларење се избегнува прихранување на пчелите и контакт со овошки кои се третирани со препарати, објаснува Трајковски.

Тој објаснува дека за да преживеат пчелите дел од медот мора да им се остави на нив.

-Отприлика околу 15 до 20 килограми од медот треба да остане на пчелите за да ја преживеат зимата, а остатокот го земаме ние за да го користиме за наши потреби, вели тој.

Трајковски објаснува дека диви пчели се оние кои се напуштени од сопственикот, односно оние кој кога се роеле немало кој да ги прибере во кошници и сандаци.

-Пчелите се ројат во април, мај и јуни и ако не е сопственикот таму да го собере ројот во кошница или сандак тогаш пчелите извидници бараат место каде да се сместат. Обично се пикаат во некоја карпа или во некое дрво. Овие пчели бидејќи немаат сопственик се викаат диви пчели, објаснува Трајковски.

Според него, за да заживее пчеларството во Македонија и да може да биде исплатлив бизнис мора да се стави ред во продажбата на мед. Во маркетите низ државата 80 отсто од медот кој се продава е фалсификат.

Извор: ВЕЧЕР