четврток, 23. септември 2021. Вести денес: 128
home Култура

Од печат излезе новиот роман „Баба“ на Луан Старова

Од печат излезе новиот роман „Баба“ на Луан Старова

Во издание на „Паблишер“, од печат излезе новиот роман „Баба“ на Луан Старова.

Романот е инспириран од ликот на баба му Хазбије, и во него тој ја дешифрира невидливата и нераскинлива врска помеѓу навидум раздвоените и напати антагонистички колективни социјални ентитети. Притоа, како централен лик во романот кој го следи нејзиниот живот од најраните младешки години до самиот крај, Хазбије прераснува во апотеоза на Жената – единствениот и пресуден фактор кој овозможува поврзување на луѓето, и тоа на сите нивоа, од семејството како интимна заедница до соработка и поврзување на големите светски култури и цивилизации.

Авторот на поговорот, Ферид Мухиќ, нагласува дека ова е роман за „феноменот на вечната човекова подвоеност, условно кажано – помеѓу небото и земјата. Не нужно распнатост, не секогаш растргнатост, туку едноставно подвоеност како реална ситуација, како еден вид агрегатна состојба во која се манифестира животот на секој човек“.

Луан Старова е автор на над 200 библиографски единици на разни стручни и научни трудови во земјата и во странство, како и на преводи на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други. Автор е на книгата „Француски книжевни идеи на XX век“, како и на „Балканска сага“, составена од 17 романи.

Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: наградата „Крсте Мисирков“ за публицистика, наградата „11 ноември“ на Скопје, републичката награда „11 Октомври“, двапати е награден со наградата „Стале Попов“ за роман на годината, Рациновото признание во 2007 година за „Потрага по еден Лејбовиц“, а добитник е и на државната награда „Св. Климент Охридски“, и други. (МИА)

Коронавирус