петок, 25. септември 2020. Вести денес: 174
home Култура

Објавена книгата „За македонскиот XIX век“ од Свето Стаменов

Објавена книгата „За македонскиот XIX век“ од Свето Стаменов

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје од печат излезе најновата книга на новинарот на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист Свето Стаменов „За македонскиот XIX век (радио–интервјуа со Славчо Ковилоски)“.

Книгата е своевидна збирка од девет интервјуа реализирани во рамки на редовната попладневна програма „Актуелно“ на Македонското радио – Радио Скопје од 2017 до 2019 година со д-р Славчо Ковилоски, научен соработник во Институтот за македонска литература (Одделение за македонска литература во XIX век) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиj“ во Скопје, културолог, книжевен историчар, поет и прозаист, еден од ретките македонски истражувачи кои работат на проблематиката на XIX век.

Како што информира авторот, темите на интервјуата се поврзани со македонската книжевност и култура и воопшто со состојбите во нашата држава во XIX век, односно поконкретно се однесуваа на културно-политичката состојба во земјава, на Македонија како „јаболко на раздорот“ на Балканот и во Европа, на продорот на западноевропските влијанија во Македонија, на црковното прашање и за обновата на Охридската архиепископија.

Во книгата се опфатени и почетоците и развојот на македонската книжевност во XIX век (жанрови, дела, автори), македонското фолклорно богатство, животот и положбата на македонските жени во градовите и во селата, спецификите на македонското јазично прашање во XIX век. Меѓу темите се и Григор Прличев, еден од најзначајните културни и општествени дејци на македонскиот XIX век, Крсте Петков Мисирков и неговото место во македонската историја, филолошкиот профил на Блаже Конески и неговата улога во стандардизацијата, развојот, негувањето и афирмацијата на македонскиот литературен јазик, на идентитетските прашања итн.

– Токму затоа, на оваа книга може да се гледа и како на еден вид кратка историја на општествено – историските и културните настани и процеси што се одвивале на македонската територија во XIX век, смета авторот Свето Стаменов.

Пред петнаесетина дена од печат излезе и двотомното издание „Македонија во НАТО“, чии автори се Свето Стаменов и проф. д-р Трајан Гоцевски. (МИА)

Коронавирус