понеделник, 22. април 2019. Вести денес: 42
home Култура

Објавена антологиска едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“

Објавена антологиска едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“

Најпознатите и најчитаните современи кинески писатели за деца и за млади се застапени во антологиски избор од десет кинески книги, која деновиве излезе од печат како прв дел од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“.

Станува збор за копродукциски проект на Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје со издавачката куќа „Делфин букс“ од Пекинг, прв подготвен од заеднички редакциски оддел за издавање кинески книги во Македонија. За наредниот период се превидени нови изданија, но и проширување на оваа едиција.

Како што наведуваат од издвачката куќа, во овие книги се вклучени најдобрите дела на авторите, избрани од самите автори. Изборите содржат бајки, басни, раскази или новели. Како прилог, во книгите се објавени и текстови на авторите кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво.

Првите десет наслови се: „Тајната на слатките јагоди“ од Танг Сулан, „Мирисливата птица“ од Ѓин Бо, „Легенда за мечето Панда“ од Сун Јоуѓун, „Магичниот папагал“ од Ге Бинг, „Персискиот мачор Пек“ од Гао Хонгбо, „Малиот ној рицар“ од Лиу Сианпинг, „Божјиот фенер на морето“ од Донг Хонгјоу, „Приказни големи колку дланка“ од Џанг Ќуишенг, „Братучед ми доаѓа“ од Ќин Венѓун и „Вкусот на сонцето“ од Џанг Џилу. Последните две книги првенствено се наменети за тинејџери, а другите за читатели на возраст од седум до 12 години.

-Беа вложени херкуловски напори за да се гарантира дека делата што се вклучени во едицијата го претставуваат највисокото ниво и достигнување во естетската и умет­ничката креација во литературата за деца во современа Кина, дека можат да бидат напишани на „заеднички јазик“ заснован на детската невиност, глобалните перспективи и етничките карактеристики, дека целосно го изразуваат духот на времето, веродостојно ја одразуваат позитивната претстава и величината на Кина, како и животниот статус на децата на Кина денес, да бидат блиску до детскиот живот и психолошката реалност, како и да се одликуваат со универзалност, вистина, доблест и убавина, држејќи се до филозофијата на вредноста на литературата за деца и поста­вувајќи здрав темел за идните генерации на човештвото, велат во заедничкиот предговор за едицијата Гао Хонгбо, писател за деца, и Ванг Ќуанген, професор по литература.

Инаку, денес, во Кина, бројот на објавени примероци на книги за деца изнесува 600 милиони годишно, или повеќе од 80.000 кате­гории во малопродажбата со годишна продажба во износ од над осум милијарди јуани. „Делфин книги“ е единствената професионална детска издавачка куќа во Кина која е специјализирана за објавување детски и хуманистички едукативни книги. Таа е ориентирана на меѓународниот пазар на книги, објавувајќи разновидни и големи проекти на други јазици – пред сè на поголемите јазици: на англиски, француски, германски, јапонски, арапски јазик.