петок, 4. декември 2020. Вести денес: 0
home Култура

На „Охридско лето“ музичка вечер со германските уметници Турку и Чернјавска, како и театарската претстава „Странци“

На „Охридско лето“ музичка вечер со германските уметници Турку и Чернјавска, како и театарската претстава „Странци“

Осумнаесеттиот ден на годинешното „Охридско лето“ на програмата нуди два настани – концерт на германското дуо Рубенс Турку на виолина и пијанистката Милана Чернјавска во „Света Софија“ и театарската претстава „Странци“ на Драмскиот театар од Скопје за која е резервирана сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“.

Германскиот виолинист Рубенс Турку своето деби го доживува во Америка, по што неговата концертна дејност зема замав и тој се појавува во најголемите концертни сали во светот и на најпрестижните музички фестивали во Германија. На тие настапи Турку се прославува како солист и камерен музичар заедно со изведувачите Јулија Фишер, Албан Герхард, Ана Чумаченко, Милана Чернјавска и голем број значајни музички ансамбли и оркестри.

Неговата дискографија опфаќа неколку компакт-дискови одлично прифатени од слушателите и стручната јавност. Успешен е и на полето на образовната дејност. Тој е професор на Државниот конзерваториум во Форарлберг, Австрија, на Академијата „Пероси“ во Биела, Италија, а редовно одржува и мајсторски курсеви во повеќе земји во светот.

Германската пијанистка со украинско потекло, Милана Чернјавска, се смета за една од водечките пијанистки денес. Постојано е присутна на светската сцена, на интернационалните фестивали во речиси сите големи музички центри. Нејзините артистички достигнувања се наградени со бројни национални и интернационални награди. Покрај солистичката дејност Чернјавска е позната и како камерен изведувач.

Во нејзината дискографија се сретнуваат повеќе десетици компакт дискови, направени во соработка со познати издавачки куќи. За нив Чернјавска има добиено повеќе награди. Често одржува и мајсторски курсеви, а може да се сретне и како член на жирито на повеќе престижни пијано натпревари.

На програмата се дела на сонати за пијано и виолина на Григ, Бетовен, Дворжак.

За театарската претстава „Странци“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје, може да се каже дека е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отворајќи болни конфликтни ситуации. Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себе претставување. Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Сѐ во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања.
Текстот е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играат Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски.

Поставката на претставата е на режисерката Нела Витошевиќ која високото образование и магистерските студии ги заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје, под менторство на професорот Слободан Унковски. Од 2011 до 2015 година работи и како демонстратор на истиот факултет, на отсекот актерска игра. Нејзината кариера успешно започнува со дипломската претстава „Чикашки перверзии“, на Дејвид Мамет, поставена и изведувана во Драмскиот театар – Скопје. Понатаму нејзината кариера се развива со претставите „Вејка на ветерот“ и „Да тргнеме Сењор“ во Македонскиот народен театар, „Сон на летната ноќ“ и „Змејовата невеста“ во Прилепскиот театар, „Жена од минатото“ на Роланд Шимелфенинг, „Стари времиња“ од Харолд Пинтер и.т.н. Со претставата „Змејовата невеста“, Нела ги освои и главните државни награди и признанија за театар – награда за најдобра режија и награда за најдобра претстава на Фестивалот „Војдан Чернодрински“. Од огромна значење за нејзиниот развој како професионалец е и формирањето на нејзиниот независен театар „Wonderland Theatre“ кој донесе свежина и поинаков пристап на независната театарска сцена во Македонија. Таа таму направи неколку претстави: „Фирма“, „5:17“, „Брод за кукли“. За претставата „Брод за кукли“ ја доби главната награда од жирото, за најдобра претстава на фестивалот МОТ. Во моментов е вработена во Македонскиот народен театар каде што ја подготвува нејзината нова претстава.

Коронавирус