четврток, 13. декември 2018. Вести денес: 69
home Култура

МТФ „Војдан Чернодрински“ од 8 до 15 јуни, ќе го отвори „Ничија земја“ на МНТ

МТФ „Војдан Чернодрински“ од 8 до 15 јуни, ќе го отвори „Ничија земја“ на МНТ

Од 8 до 15 јуни во Прилеп ќе се одржи 53-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, а во конкуренцијата за награди се 12 претстави на македонските професионални театри, соопшти денеска претседателот на Советот на фестивалот и селектор Катарина Коцевска.

Фестивалот на 8 јуни ќе го отвори претставата „Ничија Земја“ од Денис Тановиќ во режија на Александар Морфов, а во продукција на Македонскиот народен театар.

Коцевска која за четири месеци откако е на функцијата гледала 30-тина претстави на македонските театри, нагласи дека селекцијата е на 12 претстави кои ќе бидат во трката за награди и за највисокото Фестивалско признание – најдобра претстава во целина. Годинашни добитници на наградата за животно дело се: актерот Петре Арсовски и композиторот Љупчо Константинов. Наградите ќе ги добијат, традиционално, на отворањето на Фестивалот.

Според Коцевска, ќе се утврдува и придружната програма, како и претставата за затворањето на фестивалот на 15 јуни во чест на наградените.

– Фестивалот, најреномираната манифестација за театарската уметност кај нас, е одраз на програмата што ја имаат македонските театри меѓу двата фестивала и очекуваме да понуди богата програма, а фестивалската публика е високо едуцирана веќе 53 години, рече Коцевска.

Покрај претставата „Ничија земја“ на МНТ од Скопје, во официјалната конкуренција се „Клетници“ на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, „Жените“ во продукција на Албански театар, „Бопг на масакрот“ на Народниот театар од Штип, „Крал лир“ на Турски театар, „Ужегнатост“ во изведба на Независната театарска група „Артопиа“.

Театар комедија ќе ја изведе претставата „Дони Дарк“, а Народниот театар од Струмица во официјалната фестивалска програма е со претставата „Царот Владислав“. Ќе бидат изведени и „Лет над кукавичјото гнездо“ на Драмски театар од Скопје, „Еднаш свет изградив“ на Театарот за деца и младинци од Скопје, „Тоалет за дами“ во продукција на Народниот тетар од Велес и „Доктор Фауст“ на Народниот театар од Битола.  (МИА)