недела, 21. октомври 2018. Вести денес: 43
home Култура

„Меѓу нас е тивко“ на Интимен театар од Битола добитник на гран-при на ДАФ во Кочани

„Меѓу нас е тивко“ на Интимен театар од Битола добитник на гран-при на ДАФ во Кочани

Претставата „Меѓу нас е тивко“ во изведба на Младинската сцена на Интимен театар од Битола ја доби наградата „Васил Ќортошев“ како најдобра на 55. Драмски аматерски фестивал (ДАФ) што синоќа заврши во Кочани.

Жири комисијата што ја сочинуваа актерите Горан Стојановски и Наталија Теодосиева, како и драматургот Билјана Крајчевска одлуката ја образложија со квалитетната колективна игра и вештото извршување на задачите во комплицираната естетика.

Нагарадата за најдобра режија му беше доделена на Владимир Јовановски за претставата „Дом за старци“ што ја изведе Летечката театарска трупа од Тетово.

Признанието за најдобра главна женска улога го доби Тина Танчева за ликот на Велика во истоимената претстава во изведба ЈОУ „Бранд Петрушев“ од Богданци.

Кристијан Јорданов, член на Младинското драмско студио „Прличко“ од Велес е добитник на наградата за најдобра главна машка улога за ликот на Патлен во претставата “Адвокатот Патлен“.

Награда за најдобра епизодна улога и беше доделена на Марија Ѓорѓиева од Драмското студио при НУЦК „Бели мугри“ – Кочани, а Стефан Николовски од Младинско драмско студио „Прличко“ од Велес беше награден за најдобра епизодна машка улога.

За најдобра театарска престава за деца беше прогласен драмскиот проект „Од трње до звезди“ во изведба на Летечка театарска трупа од Тетово, а признанието за уметничка иновација и истражување во аматерскот драмски израз го доби Аматерско позориште „Хранислав Драгутиновиќ“ од Прокупље, Република Србија.

Жирито им додели специјално признание на Филип Ѓорѓиевски, Синиша Петровски и Давид Михаиловски за најавтентичен актерски израз и промоција на дијалективопретставата „Токмаците и билбилот“, во изведба на ОУ „Ванчо Прке“ од Делчево.

Годинава на ДАФ во Кочани беа прикажани 16 драмски проекти, од кои четири во категоријата за деца и младинци, а останатите во вечерната и алтернативна програма. Освен  македонските, настапија и две театарски групи од Србија и една од Словенија.

Во придружниот програмски дел беа промовирани книгите „Панкот е мртов“ од Томаж Космач и „Македонска рок енциклопедија“ од Тошо Филиповски, се организираа актерска и работилница за полимерна глина и епоксидна смола, а уметникот Орхан Ќамилов имаше ликовен перформанс „Планеризам“.