четврток, 6. август 2020. Вести денес: 53
home Култура

„Македоника литера“ ќе учествува на виртуелен саем на книга во Кина

„Македоника литера“ ќе учествува на виртуелен саем на книга во Кина

Издавачката куќа „Македоника литера“ ќе учествува на првиот меѓународен виртуелен саем на книгата кој од утре до 31 јули ќе се одржува во Кина. Глобалната кинеска медиумска корпорација Кинеска интернационална издавачка група (ЦИПГ) организира прв ваков меѓународен настан во светот во услови на пандемија.

Саемот на книгата ќе биде претставен во 3Д-технологија за виртуелна реалност, прикажувајќи физичка присутност на книгите и создавајќи платформа за прикажување што опфаќа време и простор во глобалната издавачка индустрија за светот. Се очекува на овој начин да се воспостават нови канали на соработка во издаваштвото и да се поттикне читањето книги.

– „Македоника литера“ учествува со свои видео и визуелни материјали кои се однесуваат на кинеските книги за деца објавени на македонски јазик во рамките на едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, како и на севкупната дејност на „Македоника литера“, соопшти нашата издавачка куќа.

Во рамките на глобалната медиумска корпорација Кинеска интернационална издавачка група (ЦИПГ), меѓу другото, работат и седум издавачи, чија дејност е насочена на меѓународна размена во издаваштвото. Меѓу седумте издавачи е „Делфин букс“, со кој соработува „Македоника литера“ и копродукциски објавија 13 тома од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, како дел од Одделот за кинески книги на македонски јазик што го формираа двата издавача.

Во рамките на соработка со „Делфин букс“ и ЦИПГ, „Македоника литера“ неодамна учествуваше и во меѓународната кампања „Читајте книги на Интернет“ и на Меѓународниот е-симпозиум за издавачки теми актуелни со новата ситуација на пандемијата, што го организираше ЦИПГ, а на кој учествуваше Нове Цветаноски, управител на „Македоника литера“.

Редовниот 27. Меѓународен саем на книгата во Пекинг ќе се одржува од 26 до 30 август, на кој исто така, на штандовите на партнерите издавачи ќе бидат изложени и кинеските изданија на „Македоника литера“. Изданија на „Македоника литера“ на овој саем беа изложувани и во изминатите три години.

Годинашниот меѓународен саем на книгата во Пекинг ќе се одржи под мотото „Живеј читајќи“, а една од поголемите манифестации на саемот ќе биде изложбата на книги за деца, на која ќе бидат претставени десет илјади наслови на 14 јазици, меѓу кои и на македонски.

Коронавирус