вторник, 26. октомври 2021. Вести денес: 154
home Култура

Македонија единствената држава во Европа која нема Археолошки институт

Македонија единствената држава во Европа која нема Археолошки институт

Република Македонија е единствена држава во регионот и во Европа која нема Археолошки институт. Од таа причини според Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј, нашата држава во археолошкиот дел нема публикации. Ова беше нагласено на денешниот форум организиран од Македонскиот национален комитет на Синиот штит на тема „Кражби на музејски предмети и недозволена трговија со културните добра”, на кој учествуваше и обвинителката од Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Маја Коневска.

– Археолошкото културно наследство го заштитуваме преку заводи, музеи, преку министерства. Меѓутоа немаме Археолошки институт, по примерот на Бугарија, Словенија, Србија… Косово е држава 13 години, а десет години има институт. Ние од 45-та до денеска немаме институт. Многу малку публикуваме како фела, ако се споредиме со регионот, со Европа, изјави Арџанлиев.

На прашање на МИА, колку е заштитено културното наследство во државата, тој нагласи дека тоа е направено само во пишаните закони. Но, во пракса според Арџанлиев, ситуацијата е иста како и во другите сфери каде за жал не се имплементираат законските и подзаконските акти.

-Токму на вакви форуми сметам дека треба да се зборува за целосно имплементирање на законските акти и одредби и зајакнување на меѓусекторската и меѓуинституционалната соработка за заедничка борба против девијациите кои го загрозуваат културното наследство без разлика дали се од механички оштетувања, од кражби или штети при изградба, рече Арџанлиев.

Воедно, тој посочи дека најголем проблем е тоа што културните наследства не се целосно валоризирани.

-Скопскиот аквадукт е сега во процес на валоризација, т.е со валозирација на споменикот му се става правна рамка и тогаш им се одврзуваат рацете на сите институции, односно имаат правна можност да го заштитат. Рушењето, оштетувањето на културното наследство е резултат на слабата меѓусекторска соработка во самата култура и слабата меѓуинституционална соработка (општината со институциите на културата, со обвинителство, со судовите и т.н). Во институциите имаме и слаба запознаеност со проблематиката (царината, обвинителство), изјави Арџанлиев.

Јавната обвинителката од ОЈО ГОКК, Маја Коневска, се осврна на тоа што е сработено во ова обвинителство во однос на кривичните дела кои произлегуваат од кражби на артефакти и културни добра. Посочи дека после постапката за предметот „Фаланга” од 2010 година од ОЈО ГОКК започна една нова ера во заштита на културно наследство со тоа што почнале да се гонат сторители на кривично дело „против културното наследство”, но како организирани групи, припадници, односно организатори на такви организирани групи.

– Досега во однос на ова кривично дело завршени се предметите „Фаланга 1”, „Фаланга 2”, завршен е и предметот „Аполон”, поднесено е обвинение за предметот со кодно име „Копје” кој што обвинителен акт е во правна сила, но е во почетна фаза и треба да почне судењето со воведни зборови. На 30 септември исто така имавме уште еден предмет во кој се работи за акција против организирана криминална група која што извезува во странство археолошки предмети и ги нуди на продажба, рече обвинителката Коневска.

Одговарајќи на прашање на МИА колку е вредноста на досега изнесените артефакти од државата, обвинителката Коневска изјави дека за разлика од другите кривични предмети кои што се водат во судска постапка каде имаме екзактни цени, износи т.н., кога станува збор за културно наследство, особено археолошкото, тие предмети во обвинителните акти ги бележат дека се со бесценета вредност.

– Нивната вредност може да има аукциска вредност во зависност од тоа каква е понудата и побарувачката во тој момент на продажба пред аукциските куќи. Но, во исто време такви предмети кои што потекнуваат од нашата држава може да имаат историско, археолошко, уметничко, музејско и друго значење. И сето тоа заедно ги чини таквите предмети бесценети бидејќи тие помагаат во утврдување на научни факти и историски вистини. Едноставно нивната вредност не може да се определи со одредена нумерација, цена и т.н., рече Коневска.

Локални избори 2021