петок, 22. март 2019. Вести денес: 105
home Култура

Комеморација на ДПМ за писателот Ристо Ѓ. Јачев

Комеморација на ДПМ за писателот Ристо Ѓ. Јачев

Друштвото на писателите на Македонија денеска напладне ќе одржи  комеморација за писателот и преведувач Ристо Ѓ. Јачев (1942-2019).

Спомени за него и осврти на неговото книжевно творештво  ќе искажат писателите Петко Дабески, Бранко Цветкоски, Весна Мојсова-Чепишевска, Владимир Мартиновски и Иван Антоновски, а ќе бидат прочитани и избрани стихови од поезијата на Јачев.

Поетот, раскажувач, романсиер, драмски автор и преведувач Ристо Ѓ. Јачев во македонската  писателска асоцијација членувал од 1967 година, кога ја објавил и првата стихозбирка „Кавал и магија“.

Автор е и на поетските книги:  „Смртта на ангелот“; „Подземни сенки“; „Димна гора“; „Болна градина“; „Секнати извори“; „Горница“; „Сопатникот на сеништата“; „Ехо на квечерината“; „Ангел на Христовиот гроб“; „Камена перница“; „Смртни песни“; „Заточеникот на мракот“; „Велестовски ноќи“;  „Вакафска земја“ (поема); „Жедна ноќ“; „Белиот светец“; „Студен мрак“; „Зборови и солзи“; „Под златната шума“; „Редење на времето“; „Помнам“ и „Тагата на славејот“.

Објавил и неколку прозни дела – романите: „Кукла“; „Јаков“; „Патот на ангелите“ (трилогија); „Алексеј“; „Синот на свештеникот“, новелата „Вечерни ветрови“, како и драмскиот текст „Моите соништа“.

Во Радио Скопје (Македонско радио) Јачев работел како новинар и уредник до крајот на својот работен век.